ПОЧИНА КИРИЛ САМАРЏИОСКИ

ИН МЕМОРИАМ

На 78 годишна возраст, на 9 ноември, почина Кирил Самарџиоски, долгогодишниот поранешен претседател на Управниот одбор на “Прилепска пиварница”.

Кирил Самарџиоски беше роден на 30 јануари 1943 година во Прилеп, од татко Георги и мајка Пандора. Дипломирал во 1966 година на Технолошкиот факултет во Скопје. По 40 годишен успешен работен век во пиварската индустрија, Кирил Самарџиоски се пензионира во 2007 година.

Прилепската пиварница со софистицирана, најмодерна опрема за производство на пиво и безалкохолни пијалаци, во 2020г. со договор за дар, Кирил Самарџиоски, како мнозински сопственик и Претседател на одборот на директори на Прилепската пиварница ги подари акциите на деца, Сашко Самарџиоски и Панде Самарџиоска.

Кирил Самарџиоски добитник е на бројни награди и признанија. Во 2014 година стана добитник на Третоноемвриската награда за животно дело.

Автор е на монографијата „ Сеќавања”. 

Бројни награди и признанија

Македонската православна црква за 90-тиот роденден на Прилепската пиварница ја одликува Прилепска пиварница со Орденот Свети Климент Охридски од Втор Ред. Орденот го прими Кирил Самарџиоски.

Советот на Југоисточна Европа и Хумболдт Универзитетот во Берлин, наградата “СЕЕ Персоналитѕ 2018” или “Личност на ЈИЕ” Кирил Самарџиоски ја прими на отворањето на Филмскиот фестивал на Југоисточна Европа- СЕЕ ФИЛМ ФЕСТИВАЛ, во амбасадата на Романија во Берлин.

Вистини во книгата Сеќавања

Во Стопанската комора на Македонија на 6.7.2016 година пред околу 150 присутни, пријатели, соработници и медиуми, г-дин Кирил Самарџиоски, претседател на Управниот одбор на Прилепската пиварница направи промоција на монографијата „Сеќавања” за Прилепската пиварница. Поттикнат од самите почетоци на работењето на Прилепска пиварница, г-дин Самарџиоски со многу факти, податоци, информации корисни за самата фабрика, но и за економијата на нашата земја, даде осврт преку текст и слики преточени во книга – монографија пишувана неколку години, од срце инспириран од првиот ден на почетокот на неговата работа. Ги потенцираше предизвиците со кои оваа компанија се има соочувано низ времето и достигнувањата и позицијата на компанијата.

„Монографијата ќе ги афирмира бизнисот и економијата, во контекст на политиките и на идеологиите низ времето, но ако читателот се загледа подлабоко, ќе проникне во филозофијата на еден живот во кој низ процесот на себепреиспитување и на одговорност, афирмирана е смислата на човековото живеење и дејствување преку личносни релации во заедништво, застапувајќи ја вечната смисла на човековата лична и заедничка егзистенција, но да оставам читателот да цени…”, истакна господин Самарџиоски за своето дело.

Пред присутните за монографијата се обрати претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, кој истакна дека Стопанската комора на Македонија е горда што ја има за членка оваа компанија, која е основана во 1924 година.

Стопанската комора на Македонија, подвлече претседателот Азески, е горда на Прилепската пиварница која како извозно ориентирана компанија продолжува да придонесува како за регионот во кој опстојува, така и за целата држава. Дотолку повеќе што менаџерскиот тим кој го наследува актуелниот претседател на УО на компанијата продолжува по истите стапки.

Тачко Локвенец за Кирил Самарџиоски

“НЕПРИКОСНОВЕН РАКОВОДИТЕЛ, СТРОГ, НО ПРАВИЧЕН..”

Има негови пријатели кои велат: “Секој може што сака да зборува за Самарџија, но постојат необориви вистини кои не смеат да се негираат”. Една од тие вистини е, во стилот на народната мудрост: “…Што ќе фати, во злато претвора”! Или уште попрецизно: “И најлошото претпријатие ќе го направи успешно”!

Го избираа, го именуваа… Го негираа, го сменуваа… Меѓутоа, секаде покажуваше големи резултати. За неговото раководење на Сладарата ќе чуете: “…Кога дојде за директор не бевме многу весели, оти некадарни луѓе ни го претставуваа како деспот. Но, кога го зеде кормилото во свои раце, Сладарницатаа како оној мит за Феникс, од пепел ја претвори меѓу петте најдобри и најпрофитабилни сладари во СФРЈ… Тој на своите деловни партнери им говореше истовремено и како стручњак за слад, и како стручњак за пиво. Самарџија како ретко кој ја знае тајната на доброто пиво во малото прсте… Неприкосновен раководител, строг, но правичен”.

Порта, декември 2017 г.

Loading