ПОБЕДА СЕ НАМАЧИ ОТИ НЕ И ПРИЗНАА ЧИСТ ГОЛ

Фудбал

Штета што во македонскиот фудбал нема ВАР-систем и преку снимки да се проверуваат спорните ситуации. Можеше да помогне при мешаницата во шеснаесетникот на радовишки Детонит, на мечот со Победа. При резултат 0:0, во 35. минута, по одбиена топка од пречката, со глава биеше Давид Јошески, чиј удар со глава го одби Глигор Николов. Играчите на Победа ги кренаа рацете за радост, но судиите не реагираа, сметајќи оти нема гол. На снимката се гледа дека топката веќе беше влезена во голот, пред Николов да ја врати со глава. Прилепскиот тим, иако доминираше, се мачеше, бидејќи топката удри уште двапати во стативата, сé до 63. минута кога мрежата за 1:0 ја затресе Дарко Анѓелески.

На Градскиот стадион ,,Гоце Делчев,, падна само еден гол, а публиката трипати скокаше од радост. Така е, оти преку разгласот известија за двата гола на Братство од Житоше, кое со 2:1 на Могила го совлада дотогашниот лидер на табелата, Саса. Стрелци на головите: Еркан Шаип и Емир Мустафа.

Табела: Победа и Слога по 19, Саса 17, Беласица 14, Кит-Го 12, Осогово 10, Кожуф 8, Детонит 7, Локомотива и Братство по 4.

Посилни со Карчески и Најдов?

В сабота, на дербито со Беласица во Струмица, во составот на Победа се очекува да бидат оздравените Даниел Карчески и Петар Најдов. За Беласица брани прилепчанецот Иван Николоски.

Екипата на Братство му оди на Детонит во Радовиш.

Loading