МЕЧ ВО УНИВЕРЗАЛНА НА 20 НОЕМВРИ

Ракомет/кошарка

Пријатно изненадување е веста дека Универзалната сала се враќа во употреба. Сепак, не веднаш, иако јавноста доби таков впечаток. Во објектот, во кој одамна не стапнала нога од спортист (за тоа сведочи натписот на влезот за распоред на натпреварите за турнирот во мал фудбал ,,Свети Никола 2019,,) мора да се корегираат соблекувалните со тушевите, струјата, паркетот… Се очекува обезбедување барем на основни услови да се создадат по 10 дена, за кога е најавен првиот тренинг на машкиот ракометен суперлигаш Прилеп. Според ова, првиот првенствен меч ќе биде со Еурофарм Пелистер на 20 ноември. Така, екипата на Прилеп викендов со Радовиш игра во ,,Ричко,, по претходниот очекуван пораз со 41:24 од шампионот Вардар. Женскиот тим Деспина, по враќањето од Шведска каде во ЕХФ европскиот куп мина со поразите со 37:10 и 38:15 од Скара, в недела оди во Скопје кај Шампион, а в среда е домаќин во ,,Ричко,, на Пелистер.

И кошаркарите и кошаркарките на Мега баскет со нетрпение го очекуваат влезот во Универзална, каде треба да се поправат кошевите. Дотогаш мегдан е салата во ОУ ,,Добре Јованоски,,. Кошаркарите имаат дуел со Пробаскет од Пробиштип. На истото место кошаркарките, по поразот 72:47 од кумановска Риниа, се среќаваат со штипска Тим арена, а младинците по триумфот од 65:52 над Пелистер во Битола, го чекаат Спортисимо од Кавадарци.

Loading