ШВЕДСКИОТ ПРОТИВНИК Е МОЌЕН, НО СО САЛА ПОМАЛА ОД УНИВЕРЗАЛНА

Ракомет: Деспина е во 2. коло од ЕХФ европски куп

Утрово женската екипа на Деспина отпатува за Скара, Шведска, каде викендов ја очекуваат два меча од 2. коло на ЕХФ европскиот куп со домашниот истоимен клуб. По денешното сместување во хотелот, во непосредна близина на спортскиот комплекс каде е салата за одигрување на натпреварите, в сабота претпладне е тренингот во термин обезбеден од домаќините. Истиот ден во 16 часот е првиот дуел, реваншот в недела во 14 часот.

Според сите информации, Скара е моќен клуб, кој има пријавено дури 24 ракометарки. Тренерот Магнус Фриск смета на 19 Швеѓанки, две Данки, по една Норвежанка, Италијанка и Швајцарка. Највисоки, со по 182 сантиметри се голманката Јохана Кјелман и средниот бек Елен Аронсон. На последниот првенствен меч од Првата шведска лига, дома за победата од 32:31 најмногу придонесоа Софија Бернотсон со 11 гола и Мелание Фелбер со 7.  Претходно имаше два пораза – 24:30 и 28:33, така што билансот е 1 победа и 2 пораза. Салата Идротхален, во која игра како домаќин е скромна со капацитет – 1100 гледачи, помала од прилепската Универзална.

Екипата Деспина во Шведска отпатува со 17 ракометарки. Тренерот Страшо Илиоски смета на 16 домашни, само една од странство – Босанката  Хана Беќирхоџиќ. Највисока со 180 сантиметри е левиот бек Сара Богојеска. Токму таа даде најмногу голови – 10 на последниот првенствен дуел дома со битолски Феникс, а 9 постигна десното крило Ангела Камческа. Деспина есенва има 3 победи и 2 пораза.

За дуелите викендов судиите се од Финска, делегатот од Литванија.

Прилеп гостин на Вардар

Машкиот суперлигаш Прилеп викендов е гостин на двократниот европски шампион Вардар. Домашниот тим има максимални 7 есенски победи, а Прилеп 4 пораза и 3 победи, последната со 25:22 дома над Струга.

Loading