МЛАДОСТ 96 СО НАЈГОЛЕМ БРОЈ ИГРАЧИ – 25!

Пинг-понг: Почнуваат првенствата

Викендов стартуваат пингпонгарските првенства. Според објавата на Пингпонгарската федерација на Македонија, во државава има 35 клуба со 366 играчи од сите возрасни категории. Клуб со најголем број (25) е Младост 96.  Во клубот работат младинските категории. Плод е и на посветеноста и стремежот за високи дострели во сениорските тимови. Од пингпонгарите кои настапуваа и претходно тука се Александар Рикалоски, Андреј Лашкоски, Антонио Стомнароски, Раиф Рустемовски, штипјанецот Петар Костовски, Србинот Стефан Костадиновиќ. Пред нив, заедно со тренерот Гоце Тошески е задачата да ја одбранат титулата во Супер лигата. Клубот има и женска екипа, претендент за највисок пласман, со Камелија Стојческа, Мила Гулеска, Србинката Катерина Гвозденовиќ и Васе Богоеска, која е пријавена со двојна регистрација и за Крушево.

Постариот прилепски клуб, Младост, има тројца свои пингпонгари,  Александар Штаргоски, Зоран Јованоски и Ѓоко Јочкоски. Со двојна регистрација ќе настапуваат Борис Соколов (Астраион, Струмица), Тоше Волкановски (Крушево) и Даниел Главевски Зоу (Пелагонија, Битола). Тројцата се искусни играчи. Со тројцата млади и талентирани ќе се обидат да го повторат минатогодишниот успех – второто место во Супер лигата.

В сабота (11 ч.) почнува женската Прва лига со мечот Младост 96 – Рисови Скопје, а в недела во Скопје се игра 1. коло од машката Супер лига, со дуелите Шампион Штип – Младост 96, Младост – Вардар Скопје.

Loading