ПОПОТ СО БЛАГОСЛОВ МУ СЕ ОДМАЗДИ НА ЧОРБАЏИЈАТА

Се потплаши попчето Тодор да не го затечат сам со невестата, та се засолни во амбарот каде чорбаџијата турал брашно. Прпелкајќи се, попчето се направило ко воденичар. Свекорот го измолкнал за брадата испрпелан во брашно. Му го предал на еден заптија, повикан да му ја штити честа, бидејќи на попчето не му било првпат идењето кај чорбаџијата кога овој не бил дома. Невестата се правдала кај свекорот дека го чува намузот, но не може да го истера со сила. За да се одмане попчето, í кажала на свекрва í да го ,,скрие,, во преградата од брашното. Свекорот го викнал Селим – чауш да му го предаде. Го протераа низ селото брашнав и му го теслимија на мудурот Арслан – беј што беше дошол од Битола да пресуди некои тужби да не ги вика луѓето во Битола на судење.

Се изнасмеаја селанките кога поминаа заптијата преку село. Се изнасмеа и мудурот. Му зеде една лира џеза и му се закани да не оди кај невестата Јованка кога е сама, оти, ако го дотераат пак, ќе го казни со десет лири.

Од тој ден попот Тодор не стапна веќе кај Јованка ни службено, а камоли на ,,муабет,,, како што ги викаше тој ваквите посети. Целата нејзина куќа останаа со години неблагословени од свештено лице. Ко за инает, почна се наопаку да оди во куќата. Јованка се разболе, свекор í ја лацна половината и заоди прекршен со два стапа под мишка. Едниот вол ја окрши ногата на права ледина, а магарето се кремниса во мевот.

-Ја фатија Јованка клетвите од поп Тодор – повторуваа жените по чешмата и í препорачуваа да бара прошка кај попот за навредите.

-Колку да е грешен тој, неговото пак се слуша од Горниот – í велеа.

Јованка сакаше да ги послуша ,,умните,, совети на старите жени, оти зависеа здравјето и напредокот на куќата. Проклетството, анатемата фрлена од попот паѓаше на цел дом. Ако не се исправи грешката, ќе се запусти куќата. Грешката ја исправа само тој што ја направил! Свекорот ја натера Јованка да го подмами попецот. Таа му се нафрли оти сега треба да ја исправа ,,неправдата,,, додека свекорот го почувствува ,,гневот божји,, врз неговиот грб. Потклекна и попушти.

– Со свештеник шеги не се тераат – помисли свекорот. Ги зеде двете патерици и отиде в црква кај попецот. Го дочека да ја пушти црквата и застана пред царските двери.

Тодор ја разбра работата.

– Ми го доведе Свети Илија златен – помисли и скрои одмазда.

– Ќе се мирам само да не ме брка од дома и да ми ја плати лирата што ми ја зеде Арслан – беј.

Се согласи свекорот уште в црква. Ја извади лирата и уште една франга за срамот што го претрпе низ село. Му бакна рака и го одведе од црква право дома на ручек. Јованка ги пречека. И таа му бакна рака. Го замоли за прошка и за благослов. Попот Тодор ,,охотно,, го излеа сиот благослов на анатемисаната куќа. Животот тргна како во сите селски куќи. Тргна напред, а  попот слободно  влегуваше и излегуваше од куќата и дење и ноќе. Јованка со ништо не се оддолжи што í го врати здравјето, а свекорот, што ја симна анатемата од куќата.

Loading