„ЛЕБЕД“ – НОВ РОМАН ОД АНА СТОЈАНОСКА

Излезе од печат новиот роман ,,Лебед,, од нашата сограѓанка Ана Стојаноска. Романот е комплексна, наративна креација фокусирана на игра со фабулата на познатиот балет ,,Лебедово езеро,, на Чајковски. Бегајќи на однапред очекуваните структури на заплетот, авторката создава комплексна слика за животите на двајца млади уметници и нивните мајки. Едниот лик нема полово одредување до првите педесетина страници, во што се гледа нејзината перманентна потреба да експериментира со книжевноста и да ги растегнува границите на литерарните жанрови. ,,Лебед,, е приказна за една љубов полна страст, во која се мешаат и младешка сила и уметнички порив, балет, музика, сликарство и книжевност. Современа сага како е да се сака безрезервно, борејќи се со темната страна и силно осветлувајќи ја, каде што ,,белиот,, и ,,црниот,, лебед на некаков начин ги измешале улогите.

Македонската книжевна практика не познава вакво дело во кое говори љубовта и страста без сопирање што ни ги даваат табуата, забранетите теми или пак општествените стандарди. Тематот е вљубувањето или проста љубов. Љубов како феномен, љубов од секој вид: машко-женска, машко-машка, љубовничко-брачна, родителско-детска, семејна, пријателска, професионална, љубов од интерес, од страст, одзанес, секаква…

-На едно место, неизбежно се сопнува на реченицата која ги релативизира сите љубовни, љубовнички и љубовџиски контексти ,,како такви,,; во што, всушност, се вљубуваме, во некое човечко суштество или во самата идеја на љубовта ,,како таква,, – вели  театрологот д-р Јелена Лужина за романот на Стојаноска.

Стојаноска е професрока на ФДУ – Скопје, раководителка на третиот циклус докторски студии на ФДУ.

Автор е  и на романот Јас и Лин… Нејзината монодрама Стаклен лампион е праизведена во продукција на Театра – Скопје, 2013. Авторка на 90 студии и есеи, објавувани во македонската и странската периодика, како и коавтор на неколку театарски монографии. Во 2019 година стана член на Друштвото на писателите на Македонија.

Loading