По ослободувањето, некој Арнаутин од селото Алданци се оженил на возраст од 70 години. Зел млада анама на 18 години. Ја платил со злато. Дал жолтици колку што имала години. Тој престар, а таа премлада. Немале заеднички онакво в постела. Им идело во различно време.
Да го засили мерако и да и напрај ќеф на анчето, побарал лекарска помош. Стариот потпрашал пријатели, а тие го пратиле кај докторот в град. Му раскажал на докторот, а овој му ветил да му поможи колку што можи. Арнаутинот навалил, извадил жолтици да му плати, а докторо рекол:
-Ќе пробаме!
-Ако е за пари, че купам уште 10 чупи.
Докторо го фатила антисимпатичност и си велел – ,,Лигушко, да купува робинка за пари,, – па му рекол:
-Че ти дам медицина, таман да свршиш работа со анчето.
-Така докторе, кој има пари, има и жени!
Доктуро, наместо да му дај рибино масло, му дал рицинус.
Арнаутино го испил илачо со задоволство.
-Че се качам на коњот, че слезам во дворот од коњот и че се качам на анчето – рекол стариот и заминал.
Било летно време, жешко. Отко минал половина од патот, на стариот зоврел стомако. Го терал коњот, држ таму, ваму и само што стигнал во дворот, се поткренал од самарот да слези и се истурил одзади. Ги наполнил бечвите. Сиот полн до чевлите, смрдел, корнел и комшите го сетиле. Отишол в пондила на чистење. Се преоблекол, а постраните алишта и чевлите ги закопал в земи.
Докторо го чекал да се јави. Го немало извесно време. Го фатило страв да не ,,кршил,, главата и да одговара за стариот.
Отко се оправил од дрскосерецот, Арнаутинот отишол кај докторот и му рекол:
-Тој илачо беше многу силен. Кога стигнав во дворо изби одзади. Не дочекав да се качам на анчето. Ако дочекав и ако избиеше напред, ќе го расипев анчето.
Докторо му дошло олеснување, оти е здрав и со подсмев му рекол.
-Чорбаџи, требало да бидиш малце потрпелив.
-Грешив, многу. Го мислев како че се качам на анчето. Голема е лакомоста – завршил Арнаутино и појче не побарал лекарска помош.