„ЧОВЕК- БРОЈ“ ОД СТЕФАН АНЧЕВСКИ

Изложба

Stefan Ancevski

,,Човек – број,, е тематската изложба од уметникот Стефан Анчевски која се отвора денес од 13 ч. во ликовната галерија на ЦК ,,Марко Цепенков,,.

Анчевски вели дека чекањето на шалтер со бројче в рака била најактуелната форма на нумерирање на луѓето во современиот начин на живеење. Затоа сакал да го престави овој дел од животот на човекот.

-Принципот на ,,земи бројче,, можеби го олеснува воспоставувањето ред на чекање на шалтери во јавната администрација, банките, операторите… Од друга страна не е изоставено,,најстрашното,, чекањето,. Тоа е појдовната точка на овој ликовен проект, кој почна да се развива за да го анализира човекот како број, да го претвора или само да констатира дека од човековиот  идентитет (единствен матичен број), редниот број во училишниот дневник, бројот на индекс, па се до бројот на чевли, среќен број, број на години, број на шеќер во крвта… Или човекот се одредува по случајност на броеви. Не е констатација, туку чувство што се добива секогаш кога ќе се повика на одреден број. Се претвораме во број или бројот станува ,,јас,,? Графичките решенија се со различни постапки и техники добиени по пат на случајност, без контрола врз една од најконтролираните ликовни техники – графиката. Со одбирањето на ваквата постапка ја дополнив содржината на моите дела. Контролирањето и воведувањето ред со броеви на човековото постоење наспроти човековата природа, наспроти она што човекот е во својата суштина – вели уметникот.

Стефан Анчевски е дипломец на ФЛУ во Скопје. Учествувал на изложби во земјава и странство и на повеќе ликовни колонии. Иако е млад, добитник е на повеќе награди и признанија меѓу кои на првата награда ,,ТрасхФорАрт” во 2014 г.

Loading