„СВЕТЛИНА“ ОД МАРТА МАКЕСКА

Изложба

makeska

,,Светлина,, е тематската изложба од нашата уметница Марта Макеска, што ќе биде отворена вечерва од 20 часот во ликовната галерија од ЦК ,,Марко Цепенков,,. Ќе бидат претставени монументални платна и минијатури, изработени во акрил на платно и колаж.

Културните – историски споменици,  кои што го симболизираат опстанокот на Прилеп низ вековите – Градскиот саат, Марковите Кули и манастирот во Трескавец, се насликани на монументалните платна. Експресивниот израз и робустните форми, ја зголемуваат импозантноста на архитектонските структури и нивниот симболизам. Автентичниот уметнички и креативен наратив, продолжува со претставите на селанки, млади девојки облечени во народна носија.        

-Творештвото на Макеска припаѓа на симболичниот експресионизам. Преку експресивниот уметнички израз, бојата преку својата чиста форма и силниот интензитет добива предност, на сметка на формата во композицијата. Тргнувајќи од разните симболи, како што се: културно – историските споменици, кои го симболизираат многувековниот опстанок на родниот град, крстот кој ја симболизра истрајноста на православната христијанска религија, колажните композиции со претставите на селанките и додадените елементи – везовите од традиционалната македонска народна носија, како и претставите со мотивот мајка со дете, како симбол на мајчината љубов, јасно одѕвонува првобитната замисла на уметникот. Желбата за опстанокот, истрајноста и трпеливоста, генерациското предавање на мудроста, претставуваат различни одлики со кои се карактеризира мајчината љубов и заштитната улога. Таа претставува ѕвезда водилка или зрак на светлина која го осветлува патот низ темнината – вели Викторија Димеска, историчар на уметноста.

Макеска дипломирала на ФЛУ во Скопје, во класата на проф. Рубенс Корубин. Имала самостојни и групни изложби. Била учесник на ликовни колонии. Работи како професор по ликовно образование.

Loading