На попот му умрела попадијата. По црковните канони не може поп да се преженува. Не бил уште стар да не му треба попадија. И дечиња му останале за гледање. Го замоли владиката да му дозволи да прибере некоја жена, макар и да ја пријави како слугинка, готвачка, перачка, домаќинка.
Владиката, и тој млад, размислил и дал благослов.
– Да направам себап заради децата, ама да прибереш некоја постара, докај 50 години, да не паѓа ептен в очи.
Се заблагодарил попот на ,,милосрдието,, и си отишол и барал жена според владиката. Барал, барал, ама никако да најде. Најпосле, наместо една од 50 години, зел две по 25. Едната за готвачка, а другата за перачка.
По неколку години владиката прашал што направи, а попот му ја кажал вистината, правдајќи се дека не можел да најде една од 50 години, затоа зел две од по 25 и го запази канонот.
Владиката задоволен му рекол:
-Добро си направил, но не е право ти да имаш две, јас ниедна. Ќе ми ја дадеш мене едната, нели?
-А, кабул не чинам, свети владико! Не го газам канонот, да тргам маки на тој век во пеколот – одговорил попот и си отишол кај готвачката и перачката.