ФЕСТИВАЛ – „ЦЕЛО Е КОГА СЕ ИМА 30“

Утревечер пред ЦК „Марко Цепенков

Утревечер почнува манифестацијата ,,Цело е кога се има 30,, за 30 годишнината од независноста на Македонија . Пред ЦК ,,Марко Цепенков,, во 20 часот, организаторот, Театар Чин 4 Сцена 5 излегува со “Парадоксот на Диоген” (Томе Арсовски) во кореографија на Јована Зајкова и Бобан Русески, на музика од Тодор Скаловски.

Од 22 часот на летната сцена е концертната промоција на албумот Апокриф на Добрила и Дориан Дуо.

,,Цело е кога се има 30,, е тематски фестивал осмислен како серија од настани, кои преку продукциски активности го претставува континуитетот и трајноста на современа македонска уметност, литература и култура. Модерниот и креативниот пристап ја допира реактуализацијата (нови естетски доживувања) на поезијата, музиката, танцот и театарот создавани од 1945 година до денес.

-Манифестацијата е модерната анализа и мултимедијален пристап на клучните дела и автори од македонската современа литература, музика и уметност. Тие се претставуваат не само како значајни за развојот и видливоста на македонската култура и идентитет, туку и како материја која со современи техники станува атрактивна за младите. Процесот претендира на влијание врз реактуализацијата на авторите и делата и нивна понатамошна врежаност во колективната меморија. Така се јакне местото на Прилеп во културната мапа. Освен во Прилеп на отворено, настаниќе има и во Крушево – велат организаторите.

Ќе има креативни работилници, изложби, вариете вечер, посветена на основоположниците на современата македонска поезија, театарски претстави, градски игранки, младински фестивал на локални изведувачи. На последниот ден, на 5 септември, е музичкиот перформанс на Зарина Првасевда.

Loading