ПРИЛЕП ВО МОЈАТА ЖИВОТНА ДРАМА ИГРА ЕДНА ОД ГЛАВНИТЕ УЛОГИ

БРАНКО СТАВРЕВ, РЕЖИСЕР

stavrev

Бранко Ставрев (Струмица, 1939) е жива легенда на македонската театарска сцена. Режисер, сценограф и директор на Драмата на МНТ од 1979 – 1983 год. Ги завршил студиите на групата за македонски јазик со југословенска книжевност на филозофскиот факултет во Скопје. Одреден период (1965 – 1966) работел во струмичкиот театар како актер и режисер. За својот исклучителен творечки ангажман добитник е на повеќе награди, меѓу кои би ги издвоиле; награда за најдобра режија на МТФ ,,Војдан Чернодрински,, за претставите ,,Смеа низ сокаците,, (1969), ,,Трамвајот наречен желба, (1970), ,,Тутунски пат,, (1972), ,,Злосторство и казна,, (1981), ,,Сенката,, (1988), награда на фестивалот ,,Стеријно позорје,, за драматизација, на романот ,,Големата вода,, од Живко Чинго (,,Ѕидот, водата,,) во 1974 г., награда ,,11 Октомври,, за претставата ,,Големиот брилијантен валцер,, (1986) и многу други. Режирал и повеќе документарни филмови меѓу кои и филмот ,,Село во срцето преселено,, за кој е награден на југословенскиот телевизиски фестивал во Неум. Автор е на неколку публицистички дела од областа на театарската уметност. Режирал и на сцената на прилепскиот театар ,,Војдан Чернодрински,,. Уште една причина повеќе за овој разговор.

Театарот ја има моќта, меѓудругото, обичното да го претставува како необично и обратно. Живееме ли „театарски” живот, без разлика на геграфијата, религијата, политичките системи?

Зборувајќи за обичното и необичното, ние всушност зборуваме за  општите и скришните места во животот. Овие вториве се предмет на  театарските, но и на сите други области на уметноста. Стана обично, на  пример, да гледате во вестите на телевизија дека милиони луѓе се движат по беспатици, со дечиња на градите, избркани од своите домови поради ступидните политики  на моќниците, а необично е што е неуспешен речиси секаков обид тоа да се спречи.  Дури, секој на свој начин, како да придонесува тие епски и трагични  мизансцени  да ги зема за нормални. Во секој случај, со бодликави жици светот се оградува од една библиска катастрофа која токму Македонците ја имаат жестоко почувствувано на својата кожа. Наместо од животот да се качуваат на сцена, од сцена се симнуваат во животот драми од секаков сој. Присуствуваме на геноцидни спектакли во кои се обезвреднуваат името, јазикот, идентитетот, државата, а ние си седиме како заточеници, како публика, наместо како  толкувачи на времето. Не гледаме, а  зјапаме, не слушаме, наслушнуваме.

Доколку е така, која е улогата и функцијата на театарот денес, во ваквата поставеност на нештата? Македонскиот театар денес, во организациона и творечака смисла? Газиме ли по „царскиот пат”, или грабиме прекутрупа?

Функцијата на театарот отсекогаш била јасно одредена. Достатно е само   да наѕреме во искуствата на цивилизациите за да видиме дека животната програма секогаш ја сочинувале поезијата, филозофијата, литературата, музиката, скулптурата и архитектурата, театарот, или искажано со еден  збор: културата. Една од најстрашните казни била забраната да се оди во театар, кадешто на едно место се среќавале сите спомнати музи. Сетете се на  фамозниот Епидаурус и ќе видите дека тој амфитеатар можел тогаш, а може и денес да ги претвори во гледачи жителите на еден помал македонски град. Театарот можел да зборува за животот слободно и демократски во најсуштествената смисла на тој збор. Внатрешен проблем на театрите е да ги избираат уметничките средства со кои ќе и’ служат на животната вистина, за да можат стилски да се разликуваат еден од друг. Но, она што е надворешен, односно очебиен проблем, е државата да  престане финансиски да ги поддржува “своите”, а да ги казнува “туѓите” творци  со што ја урива базичната суштина на неговата функција. Главен проблем на театарот отсекогаш бил: кој ќе ја плати сметката. Погледнете на каков начин се делат средствата за правење претстави и  се’ ќе ви биде јасно. Се’ дотогаш дури  политиката се плаши да ја чуе вистината за себе, театарот ќе биде слуга, а не  господар, ќе постои формално, а всушност ќе биде мртов.

Жива легенда сте на македонскиот театар. Добитник сте на пет последователни награди на фестивалот „Војдан Чернодрински”. Често сте гостувале како режисер во прилепскиот театар. Искуства од соработката?

Во мојата животна драма Прилеп игра една од главните ролји. Не заборавам дека заедно со струмичкиот театар се боревме да избориме име (кое не дозволивме да ни го сменат) со кое ќе врвиме по врвиците на театарската  уметност односно низ пределите на нашиот сон и нашето јаве. “Тутунскиот пат”  од Ерскин Колдвел, “Смртта на Тарелкин” од Сухово Кобилин, “Смеа низ  сокаците” од Кочо Урдин, “Трамвај наречен желба” од Тенеси Вилијамс, “Векутума века” според Марко Цепенков, “Големата награда” од Хектор Кинтеро, “Женидба” од Гогољ, “Злосторство и казна” од  Достоевски, “Големиот смок” и “Сенката” на Митко Маџунков, се претстави кои на фестивалот “Војдан Чернодрински” беа наградувани како претстави во целост, за режија и за актерски остварувања. Со прилепскиот театар поставив неколку пиеси на роднокрајни автори, зашто отсекогаш верував дека театарот и се обраќа на сопствената публика, па оттука и на целиот свет. Почнавме со Марко Цепенков (“Силјан Штркот”), Коле Чашуле (“Градскиот саат”), Трајче Крстески (,,Градење црква,,) и Петре Петрески (,,Песијазол,,). Мојот репертоар секогаш беше сочинет од најдоброто од светската драматургија (Чехов, Гогољ) и од праизведбите на домашна драма, зашто бев убеден дека без национална драма нема ниту национален театар. Многумина ја знаат оваа фраза, но малкумина ја преточиле во дело. Ја имав таа среќа со прекрасните актери Благоја Спирковски – Џумерко, Марјан Чакмаковски, Најдо Тодески, Благоја Ивчески, Трајче и Лидија Ивановски, Андон Јованоски – Ашата, Димитар Вандески, Игор Трпчески, Владимир Ѓорѓиоски, Наташа Наумоска, Марија Спиркоска – Илиеска, Виолета Чакарова и другите заеднички да им се радуваме на нашите домашни автори. Требаше да напишам книга за мојата врска со овој  чудесен град на мојата младост, во кој  често од  сон ме будел мирисот на липите под Маркукуле…

Во Вашата долгогодишна кариера сте работеле со најголемите актерски имиња на македонската театарска сцена. Еден од нив е и Ристо Шишков. Како актер беше – неповторлив. За неговата човечка димензија, светоглед, јанѕите?

Останат мал без татко и татковина, со некакви палени знаци во Ристо се  врежуваше љубов кон загубеното – одземеното што прераснуваше во жесток гнев и бунт. Една од неговите блескави улоги беше во Бабелевото “Зајдисонце” во моја режија, а наша последна претстава беше “Иванов” од Чехов. Со оваа, последнава се обидовме да ги збришеме лузните оставени вон его од апсурдната, глупавата, ступидната ситуација која иглата ја претвори во камила. Се снимија документарни филмови, се напишаа монографии за актерот кој ја сакаше Македонија над се’, а таа го славеше и го боготвореше, за одненадеж се’ што беше љубов да се преобрази во омраза, одмазда и казна. Циркузијадата отиде до таму што сцените во кои играше во филмот “Време, води” беа преснимени со друг актер од опцуените Републики. Му беше забрането да ги игра своите претстави или да настапува во нови, на телевизија, радио, филм. Му беше забрането да биде жив. Да умре можеше слободно. Тој чин му беше дозволен. Беше строго накажан зашто божем го опцул братството и единството на Федерацијата, иако кодошите добиваа ордени за пцостите упатени нему. Снежната топка на омразата се истркала од врвот кон подножјето и се зголемуваше до степен на презир. Салиери го начека Моцарта и му порача сам да си напише посмртен марш. Просекот триумфираше над некадарноста. Креатури кои одвај го познаваа лаеја против него, го кодошеа, ја бараа неговата глава. На ден пред смртта кога “колеги” дошле да го посетат во болницата, Шишков изјавил дека веројатно дошле да ја видат неговата смрт. Беше добар човек, нежен татко што сам го израсна сина си Васил, редок професионалец, осамен борец во перманентната војна што ја биеше за неговиот Егеј (го викаа Егеец) и која ја загуби заедно со својот живот.

Покрај театарот, Ваш творечки мегдан е и филмот. Вашиот документарен филм „Село во срцето преселено” беше награден на југословенскиот тв фестивал во Неум. Еден ваш филм заврши в бункер.

Во нашето време постоеа режисери кои исклучиво беа посветени на филмската уметност. Продукцијата беше толку слаба што ни тие не можеа да  дојдат до филм. Добив скржава шанса да снимам неколку кусометражни и документарни филмови како што се веќе споменатиот, потоа “Очи” според една песна на Гане Тодоровски, “Змиска пепел” според сопствено сценарио. “Човекот  во црно” според расказ на писателот Мето Јовановски, кој веднаш беше ставен во бункер, за да излезе од него дури деновиве во заедничко цеде на Кинотеката на Македонија. Станува збор за еден човек кој излегува од Умоболница и застанува на една градска автобуска станица кадешто започнува да прави ред меѓу патниците кои се туркаат да влезат први, но доаѓа болничко возило кое го враќа во лудницата. Веројатно никому не му е до ред во едно општество кое одлично живурка во хаос. Во филмот главниот јунак (Илија Милчин) излегуваше од зградата на тогашниот Централен комитет, (денес Владата на Република Македонија) па некој се уплашил од нешто. Баш сакам да го погледам со дистанца од педесетина години. Да видам дали и таму сонцето заоѓа како и ваму.

Античката божица Касандра ја имала лошата судбина секогаш да ја зборува вистината, ама никој да не и верува. Во слична ситуација е и уметникот?

Во височните на Делфи со кој владееше светлоносецот Аполон, пророчицата Питија на прашањата за судбинските исходи напомнуваше дека секој одговор е содржан во прашањето. Но Касандра пророкуваше директно. Сигурен сум дека да и’ поверуваа Троја немаше да биде уништена со една блуткава досетка сврзана за тројанскиот коњ на лукавиот Одисеј, од кого умните не земаат подароци. Оние што го читале или гледале Шекспир се чудат зошто политиката не им верува на уметниците. Та тие се како Шутот – филозоф од “Тимон Атински”, кој цело време го предупредува Тимона дека гостите на кои им приредува величествени гозби, кога тогаш ќе го отфрлат како ислужено куче. Ами Лир? Нему Шутот отворено му префрла дека немал право да остари, затоа што не станал мудар. Да го послушаше, остарениот крал не ќе ја разделеше земјата на три. Лир мислеше дека ја дава на ќерките, но Шутот знаеше дека му ја грабат зетовците – туѓинци. Не настрадала земја која им верува на своите уметници. Но, да се разбереме: зборуваме за уметниците, а не за Тартифите.

Ако жедта се гасне со вода, творечкиот порив се гасне со дела. Што има ново во вашата творечка работилница?

Јас одамна не сум во зенитот иако денес сум гостин на Зенит, но ова време слично на чумата од “Декамерон” на Бокачо, го минувам на село и се обидувам да правам претстави на хартија. Театарот не е зграда, туку духовен простор сместен во нас самите. Бев поканет да учествувам на Научниот собир посветен на 50 годишнината книжевна дејност на Митко Маџунков, кој короната го одложи на догледно или недогледно време и по тој повод напишав текст под наслов “Тандемот Маџунков – Ставрев”. Станува збор за осврт кон целокупното драмско творештво на Маџунков, зашто ги поставив сите негови осум пиеси. Неволјите  што ги предизвика пандемијата можеше да се лекуваат единствено со духовна активност без која ниту во ова, ниту во кое било друго време човекот нема да може да се одржи и да издржи. Многу мои ракописи одамна чекаат да бидат средени и да бидат објавени под заеднички наслов “Јако ти скеле, мајсторе”.

Г. Ставрев, крајот од разговоров да го зачиниме и со малку (горчлив) хумор. Ви посакувам добро здравје, многи добрини и многу нови творечки успеси, но едно не би сакал да се случи: да снимите филм со наслов: „Земја во срцето преселена”.

Како што е познато, сум превосходно театарски режисер (или бев) и не верувам дека некој би ми овозможил да правам филм во кој од гробот на Александар би скокнал Светозар Вукмановиќ – Темпо, како во една Ваша драма. А земјата длабоко во срцето е вселена, за да може некој да ја преселува. Филмовите на таа тема очекувам да бидат симнати од репертоар еднаш за секогаш.

Дозволивме Шишков да умре, за потоа да го воскреснуваме

Дали тогашниот систем и малограѓанското милје придонесоа за животната и професионална голгота на Шишков? Умее ли средината да го разбере и прифати уметникот, кој отскокнува?

Ако може во една реченица да се собере сета вистина за него, ќе кажам дека тоа што дозволивме Шишков да умре за потоа да го воскреснуваме (Фестивалот на камерен театар “Ристо Шишков”) е голема срамота за сите Македонци. Кога ќе си спомнам дека државата што ја опцул одамна ја нема, се уверувам по стотти пат дека вистината беше на негова страна. Инаку одговорот на Вашето прашање е познат од многу порано. Како Иванов Шишков сметаше дека средината не е причина за неговата несреќа. Во мојата книга “Делос или Остров што плови” цитирана е оваа забелешка на еден од ликовите: “тебе братче, те упропасти средината”. На тоа Шишков – Иванов  одговара: “Глупост е тоа, Павле, и одамна познато”… Тесен е просторот на интервјуто, за да се растајни големата мистерија наречена Ристо Шишков и Македонија.

Надежта умира на самиот почеток

Често се прашувам, дали тие што го чекаа Годо имаа трошка надеж или пак вешто глумеа надеж, на безначајноста да и дадат формална, рамковна смисла? Паралела меѓу Владимир и Естрагон наспроти Сизиф, во однос на надежта.

Според некои информации Семјуел Бекет не бил задоволен од речиси ниту една изведба на неговата некогаш авангардна, а денес веќе класична пиеса “Чекајќи го Годо.” Можеби поради фактот што театрите што ја толкувале пиесата на апсурдот одговарале со апсурд. Но, еден необичен настан ги довел сите нешта на своите места. Бекет бил поканет на претстава која ја подготвиле затворениците во некој од светските алкатрази. Сите учесници издржувале доживотна робија. За верување е дека на тие актери – казненици им било одлично познато што значи да се чека нешто што никогаш нема да се дочека. Писателот бил восхитен од толкувањето на паталците. Владимир и Естрагон можеби го знаеле она што го знаел и Сизиф, но нивната ролја судбински се разликувала од Сизифовата. Од извонредниот есеј на Албер Ками “Митот за Сизиф” дознаваме дека Сизиф бил среќен човек, затоа што секогаш одново морал да го искачува каменот на врвот од каде му се истркалувал и го терал одново и одново да го повторува дејството што му ја осмислувало живеачката, (живот меѓу две дејства). Во бившата заедница пиесата на Бекет се провлекуваше низ иглени уши во репертоарот на театрите. Тогашната политика сметаше дека таа драма зборува за безизлезот, и можеби затоа и самата излезе на голема врата од мапата на светот. Вие сте наполно прав: сите заедно со Влатко и Естро вешто глумеа надеж на безначајноста да и’ дадат формална, рамковна смисла. Велат дека надежта умира последна, но се покажа дека тоа се случува на самиот почеток. Прочитајте некои од расказите во “Пасквелија” на нашиот Живко Чинго, чија 34 годишнина од смртта се совпаѓа со времето на ова интервју, и ќе видите дека и пред Бекет сите знаевме дека ќе застанеме во редот и ќе чекаме, чекаме и чекаме….

Loading