ДВА МЕЧА ШТО ПРИЛЕП ГИ ЧЕКА 8 ГОДИНИ

Ракомет: Деспина е во ЕХФ европскиот куп против шведската Скара

ZRK Despina

 

-За ,,подостојно,, претставување на градот и земјава, локалната самоуправа ќе го поддржи клубот само со 2000 евра од потребните 20000

Изброивме долги 8 години од учеството на женската ракометна екипа Жито Прилеп на меѓународната сцена. Во 2013 година беа дуелите на гости со Гепинген од Германија, во ЕХФ купот. Оттогаш со душа чекавме нов излез во Европа. И еве, ќе се случи. Клубот со убавото македонско име Деспина, преку освоеното 5 место во Супер лигата, доби учество во 2 коло од ЕХФ европскиот куп, против шведската Скара. Настан голем, што го прави и успехот најголем, воопшто, во прилепскиот спорт во последниов период. Затоа што станува збор за престижен спорт, каков што е ракометот, и за ривал од ракометна велесила, каква што е Шведска. Според Европската ракометна федерација (ЕХФ), првиот меч е на 16 или 17 октомври во Македонија, а реваншот на 23 или 24 октомври во Шведска.

Претстојат два меча во кои има нешто поважно од резултатот – достојното претставување. Сликата за нас е во срдечниот пречек, салата, условите, испраќањето, организацијата… Деспина ги претставува и градов и државава. Затоа клубот заслужува широка поддршка. Пред се финансиска, со оглед на зголемените трошоци во овие услови на пандемија, каде се бараат тестови според новите протоколи,… Оптоварување е и немањето на сала во градов според евро-стандардите. Така, клубот е принуден да биде домаќин во Скопје, во салата со најдобри услови за ваков тип мечеви – ,,Јане Сандански,,. Според првичните пресметки, овие евро-настапи ќе чинат меѓу 15000 и 20000 евра. Без да се води сметка за афирмацијата на градот и за европскиот ранг на спортскиот настан чекан осум години, локалната самоуправа ќе го поддржи клубот само со неполни 2000 евра. Само толку за претставување на градот на европско ниво. 

Првата финансиска поддршка стигнала од Општина Прилеп – 120 илјади денари.

Сараевчанка во Деспина

Нова членка на клубот е Хана Беќирхоџиќ, досегашен среден бек на шампионот Куманово. Одличен играч, иако има само 17 години. Родена е во Сараево. Повеќепати има настапувано за младите селекции на Босна и Херцеговина.

Летово ќе има уште неколку нови.

Loading