ТВОРЕШТВО И ДРУЖЕЊЕ НА 13-ТАТА КОЛОНИЈА – ДРЕН 2021

13 kolonija Dren

Завршува 13 издание на ликовната колонија Дрен 2021. Една недела уметниците од земјава и од странство твореа дела кои ќе останат во трајно наследство на ЦК ,,Марко Цепенков,,.

Инспирациите на платно ги пренесоа сликарите Мирослав Живковиќ и Снежана Малетин од Србија, Мирјана Крстева Масети, Александра Петкова – Џианели, Буба М. Солак, Драган Најденовски, Новица Трајковски, Владимир Темков, Тони Чатлески, Стефан Малбашиќ. Задоволни се од гостопримството, дружбата и размената на искуства. Дела создадоа и скулпторите Слободан Милошески и Марјан Стојаноски.

 -На уметниците им се потребни патувања и дружења. Колониите се непресушна  мотивација, нови момент и искуства. Уметниците се спонтани, оригинални. Тоа е добро. Околината на Прилеп е секогаш инспирација. На платното пренесов еденприлепскиот предел – вели Буба М. Солак, сликар.

 – На второто учество имав уште едно незаборавно доживување. Организацијата беше одлична, а домаќините пријатни и љубезни. Запознавав колеги од различни средини. Тоа придонесува за раст на квалитетот. Инспирација ми се пејзажите од Прилеп – изјави Мирослав Живковиќ, сликар од Србија.

-Колониите се важни, оти се создаваат дружби и нови идеи. Оставам мал дел мојот уметнички дух. Тоа се дела за збогатување на фундусот на колонијата – вели сликарот Мирјана Крстева Масети.

-Создадов скулптура во метал, инспирирана од архитектурата низ градот – потенцира скулпторот Слободан Милошески.

Марјан Стојаноски, раководител на ликовната дејност во ЦК ,,Марко Цепенков,, е задоволен што се создаденивредни уметнички дела , кои наесен ќе бидат презентирани на изложба.

За директорот на ЦК ,,Марко Цепенков,, Јасмина Мицовска Станкоска, колонија веќе втората деценија на едно место собира уметниците од земјава и од странство кои досега оставиле околу 350 дела, кои се градско културно богатство.

Loading