КАРЧЕСКИ: БЕЛАСИЦА ЈА ГЛЕДАМ КАКО КОНКУРЕНТ!

Фудбал

Pobeda

Уште од првата прозивка Победа најави атакување кон првото место, кое директно води до Првата лига. Природно поради петте засилувања: Христијан Кукески и Игор Момировски (Слога Виница), Бојан Спиркоски (Велешта), Дарко Дигаловски (Саса) и Даниел Карчески (Силекс). Тимот на тренерот Дарко Крстески почна да покажува сила веќе на пријателските мечеви (3:1 против Детонит од Радовиш и 7:0 со Братство од Житоше). Најновото засилување, Карчески, на дуелот со Братство одигра офанзивно по левата страна, постигна два убави гола, од кои првиот со петица, вториот со волеј-удар, за убаво расположение кај гледачите на Могила.

– Играчите се млади и талентирани. Очекувам да стигнат до повисоко ниво. Ќе помогнам, како еден од повозрасните во тимот. Победа нужно е да се врати во елитата и да славиме на Градскиот стадион. Конкуренција за првото место може да биде струмичка Беласица – рече Карчески.

До почетокот на првенството на 21 август, се играат пријателски натпревари. Вчера беше третиот, со второлигашот Беса во Гостивар, а в недела е турнирот ,,Вуко Каров,, во Кавадарци, каде се дуелите по италијански систем (по 45 минути)   со Тиквеш и скопски Вардар.

Братство ќе игра на Могила

Новиот второлигаш Братство ќе го користи теренот кај Могилата. Таму  наесен ќе ги игра првенствените мечеви како домаќин. Така ќе биде додека се реновира игралиштето во Житоше. Екипата на тренерот Ромер Муриќ одигра два пријателски меча, со Победа и вчера со второлигашот Воска во Струга. Ќе има уште неколку. Доведени се 12 нови играчи.

И Деспина се засилува

На игралиштето со вештачка трева тренинзи одржува женскиот фудбалски клуб Деспина. Приклучени се нови фудбалерки, тетовчанката Кристина Павлоска, битолчанките Теодора Јанковска, Маргарита Талевска, Теодора Петровска, Стела Најдовска и Теодора Бумбароска (сите од Топ-Гол Битола). Ова говори дека остануваат ланските амбиции за освојување на трофеј.

Минатото првенство не се доврши.

Loading