СЕ ВЖЕШТУВА ТРКАТА ЗА ТАТКО НА ГРАДОТ

СДСМ ги соопшти првите 30 кандидати за градоначалници во државава, но Прилеп не е меѓу нив. Не се знае со кој кандидат ќе оди владеачката партија на претстојните локални избори планирани наесен. Не е извесно дали актуелниот градоначалник Илија Јовансоки ќе се кандидира за втор мандат, иако изрази намера. И екс пратеникот од СДСМ и поранешен директор на Царинската управа, Горан Сугарески се токми за градоначалник. После шест месечниот мандат на в.д. директор, ја прекина јавната должност во Царинската управа и од 12 јули се врати на работното место во Општина Прилеп.

– Не оставам ниту трошка сомнеж дека на било каков начин ќе го злоупотребам моето учество во извршната власт за да влијаам на постапката за избор на кандидат за градоначалник. Внатрепартиската процедура не смее да има ниту една дамка. Убеден сум дека ова е логичен и принципиелен демократски исчекор во една модерна, транспарентна и супер демократска партија како СДСМ. Тоа значи дека нека победи најдобриот! Ако членството на СДСМ Прилеп и централното партиско раководство ја даде довербата на друг кандидат, ќе му ја дадам мојата безусловна поддршка и ќе трчам како да сум јас – напиша на ФБ, Горан Сугарески.

Да ја добие довербата на ИО на СДСМ во игра е и пратеникот Миле Талевски. На партиската анкета се наоѓа и директорката на болницата Кети Смилеска. Тука е и името на Александар Дамески, директорот на прилепскиот затвор.

Опозициската ВМРО – ДПМНЕ, според партиски извори, ќе оди со доктор во трката за татко на градот. Тоа е ортопедот Борче Јовчески, кој е дел од Советот на Општината Прилеп.

На ФБ својот апетит за градоначалничката функција го истакнува и поранешниот истакнат активист на Шарената револуција, познат по графитот ,,Че си лежите,, – адвокатот Жаре Стеваноски како независен со мотото ,,Че вреди,,. И локалниот клуб на Левица објавува информации за зголемување на членството, а за кандидат за градоначалник уште молчат.

Loading