ОТКРИЕНА ЕДНОГОДИШНА ТАЈНА – ТРЕНЕРОТ ОД ЕРМЕНИЈА

Борење

Никого не изненадува премногу веста за ангажман на странски стручњак во некој прилепски фудбалски или ракометен клуб. Тоа повеќепати се случи во РК Тутунски комбинат и во ФК Победа. Но, странски тренер во Борачкиот клуб 7 Мај? Нешто неверојатно, а сепак вистинито. Се работи за тренер од Ерменија.

– Откриваме една тајна што ја чуваме скоро цела година. Со тренерот, чие име ќе го соопштиме наскоро, имаме долги контакти и преговори,  и стигнавме до договор. Ќе работи во нашиот клуб, овде и во експозитурата во Франкфурт, Германија. Таму живее. Првпат во Прилеп ќе дојде на 28 август, за традиционалниот турнир во чест на Љупче Црвенкоски – Црвенио. Тој е искусен. Многу години бил учесник во Бундес лигата. Со негова помош нашите борачи ќе можат да учествуваат на многу квалитетни турнири низ Германија – информира Саше Игнатовски, тренер во БК 7 Мај.

Клубот и летово има учества. На турнирите во Косово (Призрен и Качаник), пионерите постигнаа одлични пласмани: Ангела Трајкоска и Елена Дејкоска по двапати први, Тамара Цветкоска еднаш втора, еднаш трета, а Христијан  Аризанкоски го освои третото место.

Loading