ВОДИТЕЛОТ МНОГУ СЕ ШАЛИ

ivce1На телевизија “Алфа” се емитува квиз. Српски е. А ние читаме превод. Божем на македонски. Се појавува таму извесен учесник кој се викал Дејан. Водителот му се обраќа “Драги Деки”. Ние читаме превод: “Мил Деки” . Ете така – “Мил Деки”. Најверојатно преведувачот мисли дека ако рече “драги” тоа ќе биде на српски. Многумина мислат дека придавката “драги” е српска. Сме пишувале за ова и порано. Ќе повториме уште еднаш. Тој збор е колку српски, толку македонски. Се разбира, исто толку И на сите словенски јазици. Имаме и ние квиз. Се емитува на телевизија “Сител”. Водителот, вессел човек. Многу сака да се шегува. Но, тој не вели така. Тој секогаш вели – “Се шалам”. Во една од емисиите вели: “Шала на страна”. Се интересиравме, дали можеби лекторот, му обрнал внимание. Дали му кажал дека зборот “шала” не е наш, дека е српски. Но, во еден претходен напис кажавме дека во “Сител” немало лектор. Човекот од пријавница на нашето прашање одговори со прашање. Не праша што е тоа што го бараме, што е тоа лектор! Да се вратиме на изразот “Шала на страна”. Не само што е погрешен односниот збор, туку погрешна е сета конструкција. Правилно би било – “Шегата на страна”. А она ка како што го читаме и слушаме од медиумите дури и да е употребен македонскиот збор “шега”, сепак изразот би бил погрешен. Ако е напишано – “настрана”, ние ќе разбереме дека шегата треба да ја ставиме на некоја страна. А ако се употреби прилогот “настрана” од тоа се разбира дека не треба да се шегуваме, треба да ја оставиме шегата, да ја отстраниме. Но, ајде да го оставиме на страна, водителот на квизот. Не е само ова негова грешка. Се емитува филм. Преводот тонски. Гледаме таму некое мече, кукла. Мошне убава. Слушаме, безбројпати – “Плишано мече”. Не можеме да ги забележиме сите грешки од таквите преводи. Многу се. Премногу. “Плишано мече” се повтори, многупати, го запаметивме. Но, зошто тој преведувач не запаметил еднаш дека именката “плиш” не е пожелна во нашиот јазик. Кај нас тоа е кадифе. Кадифен фустан, кадифени панталони. Понекогаш, за нешто што е мазно, нежно, ќе се рече дека е мазно како кадифе. Кај нас, именката “плиш” е дојдена преку српскиот јазик, а потеклото í е француско. Во Тритомниот речник тој збор е регистриран, но со упатување на кадифе, сомот, пељуш. А именката кадифе има турско потекло, но кај нас е навлезена многу одамна. Добила веќе литературна норма. Уште еднаш за именката “шала”. Во угледно списание читаме, а ако не држи памтењето мислиме дека тоа го чувме и на некоја од телевизииве: “Во Струга се гради на диво како од шала”. Српскиот израз – “Ко из шале” често го слушаме како по македончен. И од тие што знаат дека не треба “шала”, туку “шега”, и тие за некоја работа која лесно се завршува велат “Како од шега”. Овој израз не го одразува вистинското значење. Тоа не значи дека работата се завршува од шега. Ако се завршува некоја работа, некое дејство без проблем, лесно, едноставно, ние повеќе би рекле дека тоа се направило “Како на смеа”. Можеби ќе се најде и некој друг израз. Но “Како од шега” не ќе да може. А “Како од шала” – никако. Слушаме излагање на висок политичар. Зборува нешто за состојбите во Бугарија. Ќе имало избори. Ќе имало промени. Во еден момент вели: “Ќе биде тоа прекретница за Бугарија”. ПРЕКРЕТНИЦА! Зборот ПРЕСВРТНИЦА му е туѓ. Сака да каже дека таму, во Бугарија, ќе се сврти нешто, ќе тргне во друг правец, ќе настане ПРЕСВРТ. Па оттука изборот ПРЕСВРТНИЦА, а не ПРЕКРЕТНИЦА. Слушнавме на некоја телевизија за некого дека бил советник за односи со јавност. Вечна грешка, испуштање на членот. Односи со ЈАВНОСТА, а не со ЈАВНОСТ. Именката е определена.

Loading