„МИЦ ПО МИЦ“ – ТРГНИ ЗАСТАНИ

ivce1Петти мај е Ден на македонскиот јазик. Ќе пишувавме за некои јазични грешки. Штотуку ќе почнувавме, но слушнавме на радио дека токму на тој ден, на Денот на македонскиот јазик зборува извесна госпоѓа од Институтот за македонскиот јазик. Слушнавме една реченица: ,,Додека постои македонскиот јазик ќе постојат и Македонците и Македонија,,. Можеби не успеавме точно да ја цитираме реченицата, но приближно така гласеше тој исказ. Убаво звучи тоа! ,,Додека постои македонскиот јазик,,. Но, јазикот не е некој предмет херметички затворен и така ќе постои вечно. За да постои јазикот треба да постојат и луѓе кои ќе зборуваат на тој јазик. И во друга пригода сме ја спомнувале застрашувачката реченица дека еден народ престанува да постои тогаш кога ќе се откаже од својот јазик. Каде сме ние Македонците? Постојано е присутна јанѕата, барем кај нас лично, дека полека – полека го напуштаме својот јазик. Слушајте ги рекламите – ужас. Прошетајте низ чаршијата, во кој било град. Најголемиот дел натписи и фирми, испишани се со латински букви и на туѓ јазик. Слушајте ги и гледајте ги официјалните вести на телевизиите. Неможно е да се избројат грешките. Сме се изјаснувале многупати за грешките во нашиве медиуми. Еве сега и за медиум за кој досега не сме пишувале. Постои неделник ,,Фокус,,. Го рекламираат со следнава реченица – ,,Читајте Фокус за нештата да станат појасни,,. Ги купувавме последните четири – пет броеви и навистина некои нешта стануваат појасни. Појасно ни стана дека и во тоа списание, покрај убавите содржини, постојат и непростливи јазични грешки. Да не зборуваме напразно. Позната, одамнешна госпоѓа новинар, овојпат колумнист. Критикува многу состојби во државава. Тоа не е наша тема. Друго го свртува вниманието. Ќе цитираме една реченица: ,,Што повеќе не мразат, толку повеќе јакнеме и, миц по миц, напредуваме,,. Реченицава, извлечена вака од контекст не значи ништо. Ја приведуваме само поради тоа – ,,миц по миц,,. Каде ли го најде госпоѓо тој израз? А што би значел? Коренот му е во српскиот глагол ,,мицати,, или ,,помицати,,. Придавката гласи ,,непомичен,,. Глаголот ,,мицати,, значи мрднување, помрднување, придавката ,,непомичен,, значи неподвижен. МИЦ ПО МИЦ – би требало да значи мало помрднување, повремено. Имаме ние израз за таква работа, тој гласи ,,мрдни – застани,,. Имаме и ,,пооди – поседи,, и можеби и некои други. Тоа може да се каже и на други начини и со други зборови. Но, ете, госпоѓата го одбрала српскиот израз – МИЦ ПО МИЦ. Е, тоа значело дека работите се одвиваат многу бавно.

Еве друга госпоѓа, дамнешен новинар, а меѓу другото и уредник на списанието Фокус. И таа, со извесна блага иронија, критикува некои состојби. Всушност, написот е добар, но зошто вакви грешки? На едно место читаме – ,,Тие што млатеја во собранието,,. И овој исказ е изведен од контекст и затоа не значи ништо. Но, од каде се најде глаголот ,,млатеја,,. Во македонскиот јазик постојат зборови со такви значења, немало никаква потреба да се позајмува од српскиот јазик. Ако глаголите маваа, удираа, тепаа, не ја задоволуваат потребата, ако треба некое поколоритно изразување, еве го глаголот ,,пердашеја,,. Сигурно има и некој друг. На друго место, госпоѓата пишува: ,,Во ВМРО – ДПМНЕ продолжуваат да ги величаат дешаванките како одбрана на Уставот,,. ДЕШАВАНКИ! Ете, госпоѓата од глаголот ,,дешава,, (се дешава) произвела именка ,,дешаванки,,. Глаголот ,,дешава,, го нема во македонскиот јазик. Во конкретниов случај можеби е наједноставно да се рече ,,случуванки,, наместо ,,дешаванки,,. А може да се најдат и други слични изрази со извесен ироничен призвук. Но, ете! Зошто да се бара, кога е тука српскиот јазик. Додека да се мачиме да пронајдеме наш израз, тука ни е српскиот јазик. Вратата секогаш е отворена и ќе си земеме.

Ова се само малку примери. Ги има многу. Позајмување туѓи зборови (српски) туѓи изрази и така, полека – полека МИЦ ПО МИЦ бегаме од нашето, го прифаќаме туѓото. До кога и до каде?

Loading