ЗАГОВОР, НЕ „ЗАВЕРА“

ivce1Именката “одважност” ја слушаме многу често. Зошто ли им треба тој збор на нашиве луѓе? Особено на интелектуалците! Всушност, повеќе го слушаме глаголот “одважи” и придавката “одважен”. Токму таа, во овој момент, ни даде повод за овој напис.

Еден политичар, во телевизиска емисија прашува дали ќе се одважел некој да каже каде завршила некоја голема количина тутун, увезен од странство. Тој збор го нема во нашиот јазик. Затоа и го нема во нашите речници. Нашиве луѓе без никаква потреба го земаат од српскиот јазик. Но, кај нас, евентуално, би имал едно сосема поинакво значење. Да речеме, ако бил некој важен па се одважил. Исто така и кога некој би бил женет, па се одженил. Во случајов, кога односниот политичар бара некој да се “одважи” може да рече, да побара, некој да сео смели, да се реши, да се дрзне, и да каже каде завршил увезениот тутун. Најпосле, треба веќе еднаш да се решиме и да разбереме дека зборот (придавка) го нема во нашиот јазик и не треба да го користиме. Имаме свои зборови за таквото значење.

Вирусот “корона” е мошне честа тема последно време. И на телевизиите и во печатот, па и во нашите приватни разговори. Уште постојат дилеми за неговиот настанок. Постојат луѓе кои веруваат дека вирусот е лабараториски производ. Еве, слушнавме едно такво размислување. Новинарката известува дека претседателот на Танзанија потврдил оти вирусот бил “завера на западот”. Немаме намера да спориме со претседателот на Танзанија, но чудна е изјавата на новинарката. Таа уште не научила дека зборот “завера” не е наш. Зошто го позајмува од српскиот јазик? ЗАГОВОР е тоа кај нас. Да речеме, на пример, некаков таен план за извршување на некое незаконско дејство и слично.

Постои во последно време една чудна, нејасна појава. Сме се изјаснувале и во повеќе наврати за тоа. Под силно влијание на српскиот јазик, личната заменка “јас” редовно ја слушаме како – “ја”. Новинарите, кога им е напишан текстот, можеби ќе ја употребат точната форма, но во слободните искажувања и тие грешат. За политичарите да не станува збор. Тие се чести гости во телевизиските емисии и ова грешка е редовна. Чудно е тоа што и луѓе од културата, актери, кога гостуваат во некои телевизиски емисии ја употребуваат секогаш погрешната форма – “ја”. Дури луѓе за кои лично знаеме дека го владеат литературниот јазик и тие се поведуваат по оваа стихија и ја користат грешната форма. Многупати сме рекле дека ретко спомнуваме имиња, но овојпат ќе јапрекршиме таа практика.

На Телевизија “Алфа” следевме интервју со режисерот Владимир Милчин. Многу режисери, па и актери кај нас не го знаат убаво нашиот јазик, па дури и сметаат дека тоа и не е толку важно. Владимир Милчин не е од нив. Лично знаеме дека тој не само што го владее јазикот убаво, туку и нема игнорантски однос спрема таа проблематика. Понекогаши сме спореле со него за некои јазични неправилности, но повторуваме уште еднаш, дека неговиот однос спрема јазикот е сериозен. Токму затоа зачудува фактот што и тој ја употребува погрешната форма “ја”, наместо “јас”. Многупати, за време на неговото излагање, ја слушавме ова недоследност. Дури и не сме верувале дека токму од него ќе слушаме вакво нешто. Ас игурни сме дека тој ја знае правилната форма од личната заменка за прво лице еднина – “јас”. Не ни е јасно како можело да му се провлече ова грешка. ВЛАДЕ! Кога би се појавил од некаде Илија Милчин ќе ти ги истегне ушите. Веруваме дека тој ќе се нервираше уште повеќе!

Loading