Ракомет: Битка за опстанок во плеј-аутот од Супер лигата
-Дома со Астраион и Тиквеш, на гости со Младост
Одиграни се 11 кола од плеј-аутот од Супер лигата, но уште не се знае кои екипи ќе изборат опстанок. Само прво и второпласираната директно опстануваат, третата игра бараж, а останатите пет отпаѓаат. Неизвесноста ќе трае се до крајот. Останаа уште 3 кола. Третопласираната екипа Прилеп, по добиениот меч со Јуниор КВ во Скопје со 38:32, синоќа одигра дома со последниот Астраион од Струмица, каде се очекуваше сигурна победа. В недела е дуелот со претпоследната Младост во Богданци, а в четврток, во последното коло, дома со лидерот, кавадаречки Тиквеш.
– Одиме на три победи. В недела е тежок меч со Младост во Богданци. Како и Јуниор КВ, и Младост е незгодна, искусна екипа со тренерот, прилепчанецот Томче Петрески. Не се опуштаме. В четврток ни доаѓа Тиквеш, најквалитетната екипа во групава, со интернационалци. Не се сигурни за првото место, затоа што имаат тежок распоред – со Голден арт, Работнички и со нас. Не се знае, оти и претходно одиграа нерешено со Радовиш. Треба да си ја гледаме нашата работа, да освоиме 9 бода за да бидеме сигурни – смета Горан Кузманоски, тренер на Прилеп.
На табелата, до синоќешното коло, редоследот беше: Тиквеш, Голден арт, Прилеп, Радовиш, Работнички, Јуниор КВ, Младост, Астраион.
Борба за 5-тото место
И женската Супер лига привршува. По мечот Вардар – Деспина (36:16) во средата, в недела е дуелот дома со Ѓорче Петров. За тимот од тренерот Страшо Илиески победата е важна во борбата за 5-тото место. Во последното коло, в четврток, претстои гостување кај конкурентот Стружанка. Можно е мечот да не одлучува оти стружанките претходно имаат пресилни ривали – Металург и Куманово.
Извесно е дека нов шампион, без ниеден пораз, ќе биде Куманово.