ПЕТТЕ ПОБЕДИ СЕ НАДЕЖ ЗА ОПСТАНОК НА ПРИЛЕП

Ракомет: Плеј-аут од Супер лигата

-Остануваат уште 6 кола

RK Prilep

Екипата на Прилеп се бори за опстанок во Супер лигата. Според досега постигнатото во Плеј-аутот, шансите се реални. Во прилог е одлуката на РФМ – првопласираниот и второпласираниот директно да обезбедат опстанок, третопласираниот да игра бараж, но и резултатите. Билансот е: 5 победи – 3 пораза.

Составот на тренерот Горан Кузманоски ја постигна највредната победа, над силниот ривал, Голден арт КЛ7, во Скопје, со 36:35. Со успехот вратен е долгот кон противникот, бидејќи тој пред два месеца успеа да победи во Прилеп. Сега, во меч на кој ривалите се менуваа во водството, во финишот одлучи голот на левиот бек Давор Шокоски. Најефикасни беа Грузијците – Реваз Чантурија со 10 и Казеин Рустамов со 7, како и Шокоски со 6, додека за домашните Кристијан Симоноски даде 10. По мечот имаше позитивни коментари:

– Браво за екипата. Браво и за судењето. Не се исплашија – напиша на Фејсбук тренерот Кузманоски.

– Честитки до сите. Наредниот пат очекувам победата да биде убедлива и извесна, оти немам нерви да гледам вакви трилери. Има среќа лаптопчево. Денес преживеа. Напред момци – порача Боро Шокоски, таткото на Давор.

Остануваат уште 6 кола. Следната можност за триумф е на 9 мај дома со Работнички.

Табела: Тиквеш 18, Прилеп и Голден арт КЛ7 по 15, Младост 13, Работнички и Радовиш по 12, јуниор КВ 10, Астраион 0.

И девојките победија

Екипата Деспина убедливо, со 28:18 го победи Шампион во Скопје. Со голови кон успехот придонесоа: Мери Гичева – Конески со 6, Ангела Камческа со 5. Следен меч беше вчера (четврток) дома со скопски Кузман Вардар.

Loading