КАЗМА ЗА АСФАЛТОТ СТАР 4 МЕСЕЦИ

Се реконструира реконструираниот булеварот

– Се санираат недостатоците на булеварот настанати од слегнување на земјиштето на велосипедската патека и на коловозот

Rekonstrukcija na bulevarot

Само четири месеци откако официјално беше пуштен во употреба реконструираниот булевар ,,Гоце Делчев,,, повторно се изведуваат градежни зафати. Се отстранува дел од асфалтната подлога од велосипедската патека на неколку потега и на коловозот околу дождовните шахти. Општината објаснува дека на делови од булеварот дошло до слегнување на земјиштето како последица на големата влажност, предизвикана од врнежите на дожд и снег.

Реконструкцијата на реконструираниот булевар предизвика реакции кај опозицијата. На социјалните мрежи, прилепчани коментираат дека заборавени се шахтите за атмосферска канализација.

– Според договорот за изведба и реконструкција на булеварот ,,Гоце Делчев,,, склучен меѓу Општината Прилеп и Изофас, изведувачот е должен да ги отстрани недостатоците од булеварот. Реконструктивните зафати требаше да бидат завршени за 4 денови – стои во соопштението на Општината, упатено до медиумите на 16 април.

ОК на ВМРО-ДПМНЕ реагира дека милионскиот булевар на градоначалникот Илија Јованоски се распаѓа.

-Само за 3 месеци се виде способноста да создадат нешто ново и поубаво. Ете, може да се видат дупките на булеварот. За ова ли се потрошија милионски суми пари? Дали локалната власт и градоначалиникот Јованоски ќе го повикаат и пак Заев да прошета на булеварот и да види во каква состојба е. Па, гордо, како претходно да изјави колку пари чини реконструирањето? Не држи место оправдувањето дека причина е слегнувањето на земјштето заради врнежите од дожд и снег и дека изведувачот треба да ги отстрани недостатоците. Како е можно да се распаѓа булеварот? Дали е точно дека лицето кое било одговорно за изведба на проектот е претседател на УО на ЈП за ПУП, кое го вршело надзорот?

Rekonstrukcija na bulevarot 1Прилепчани треба да знаат каде завршуваат нивните пари и да бидат информирани, колку други анекси се приклучени кон основниот договор со кој се продолжувале роковите за изградба? Граѓаните гледаат и расудуваат, и затоа молчењето на локалната самоуправа, нема да ја спаси од одговорност. Со доаѓањето на власт на ВМРО-ДПМНЕ, по локалните избори, ќе претстои целосна ревизија на проектите, ќе се испита каде завршиле парите на граѓаните. Секој криминал ќе биде санкциониран – рече Влатко Петкоски, портпарол на ОК на ВМРО – ДПМНЕ.

Реконстраниот булеварот, вреден милион евра, беше ставен во функција на 19 декември во присуство на премиерот Зоран Заев.

Loading