Позајмил Пејо од еден комшија – чорбаџија казан да си свари сапун. Го задржал подолго време, а стопанот не го побарал. Пејо сакал некако да не го врати, ако се може. По два-три месеци отишол Пејо кај чорбаџијата и му однесол едно малечко котленце, зборувајќи:
-Повели, чорбаџи, котленцево. Ти го роди казанот што ми го даде да се услужам.
Чорбаџијата ја погледнал чорбаџиката, се насмевнал скришум и го зел котлето. Кога Пејо заминал, чорбаџијата í рекол на жената:
-Го виде Пејо, будалата? Казанот родил котле!!!
-Кога е будала, ќе си го клајме котленцето кај другиот бакар.
Поминале три месеци, Пејо донел друго котле што го го родил казанот.
Чорбаџијата го прибрал и не помисли да го прибере казанот, чекајќи секои три месеци да му раѓа котлиња.
Наместо да донесе Пејо трето котле, дотрчал сиот задишен и ,,уплакан,, и му соопштил на чорбаџијата дека казанот ,,Бог да го простил,, умрел сношти.
-Како така, бре едепц’з, може ли казан да умре? – се развикал чорбаџијата и нарипал да го тепа. Пејо му ја откинал и мирно му одговорил:
-Ами како можеше, чорбаџи, казанот да раѓа котлиња? Тој што раѓа и што се раѓа и умира. И ете, и казанот дури му беше за раѓање, раѓаше. Му дојде за умирање, умре. Има ли нешто попросто од тоа? Што сум крив јас?
Чорбаџијата не можел да го порекне овој факт и му го оставил казанот на Пеја за две мали котлиња.