СОМНЕЖ ЗА УЧЕСТВО ВО ТРГОВИЈА СО МАРИХУАНА ОД 800 000 ЕВРА

kire spirkoski chipsioПритвор за прилепскиот полициски командир Кире Спиркоски – Чипсио

По неколку месечното следење, шест лица се притворени, меѓу кои командирот на полициската станица во Прилеп Кире Спиркоски – Чипсио. Тие се сомничат за трговија со 200 килограми марихуана вредна над 800.000 евра. Акцијата ја спроведе американската агенција за борба со наркотици, ДЕА, во соработка со МВР. Освен на Спиркоски, судија им одреди притвор на лице кое соработувало со фирми за производство на медицински канабис од Прилеп и Битола. Извршена е контрола и во фабриките. Уапсен е и жител на Гевгелија со милион евра готовина, кој според полицијата бил организатор на групата. При претресите во домовите пронајдени се пари, пиштоли, гранати, луксузни часовници, документација за фабрики за производство на марихуана во медицински цели.

Според МВР, комбето со марихуаната било запрено на патниот правец Прилеп – Росоман кај селото Раец. За да не биде евентуално запрено од сообраќајна полиција пред него и по него имало два приватни автомобили. Патничкото возило Ауди А8 со скопски ознаки, во кое биле пријавените К.С. и М.З. Потоа е запрено возило Дачија Дастер, со скопски ознаки, управувано од А.У, каде како сопатник бил Г.К., а зад нив и товарно возило, комбе, во кое се наоѓала поголема количина дрога, спакувана во 40 картонски кутии во кои имало 400 полиетиленски пакувања со дрога. Лицата се лишени од слобода. Утврдено е дека станува збор за 200 килограми марихуана. Од МВР велат дека продолжува истрагата за идентификување на други лица во неовластена набавка, држење, пренесување и продажба на наркотична дрога.

Апсењето на организираната група била резултат на повеќемесечна истрага во која поддршка дала и Американската служба за борба против дрога.

Координаторот на ОК на ВМРО – ДПМНЕ Прилеп, Дејан Проданоски, ја повикува Еленче Ташкоска, претседателот на Советот на Прилеп, да свика итна седница на Советот за расправа по притворањето на командирот на полицијата во Прилеп. При тоа да ги покани градоначалникот Илија Јованоски и министерот Оливер Спасовски. Тој истакна дека советниците очекуваат одговори за прашања за безбедноста во градот.

akcija na dea

-Граѓаните се заинтересирани за безбедноста и криминалот. Тие бараат одговори, оти се згрозени од секојдневните вести околу криминалот во градот. Очекуваат безбедност, а не да нема луѓе на функциите за кои што се избрани. Ние советниците, а преку нас граѓаните, бараме одговори како ќе се спроведи законот? Го повикуваме министерот Спасовски, по спроведените законски постапки, да се охрабри и да го разреши командирот на на полицијата во Прилеп – рече Проданоски, истакнувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ, како одговорна политичка партија, секогаш ги става на прво место интересите на граѓаните.

Претседателот на СДСМ во Прилеп и пратеник Миле Талевски напиша дека институциите се посветени на силна, неселективна и бескомпромисна борба против секаков вид криминал и корупција.

-Акциите на МВР за разбивање на организираната група која незаконски издавала патни исправи и заплената на огромна количина на дрога се доказ за бескомпромисната борба против организираниот криминал и корупцијата. Акциите каде се уапсени и вработени во МВР се потврда за професионалниот, ефикасен и неселективен пристап на полицијата во спречувањето на  незаконското дејствување. Наместо, како целата јавност, да го поздрави постапувањето на полицијата, ВМРО-ДПМНЕ се обидува да ги одбрани криминалот и криминалците. Институциите се посветени на силна, неселективна и бескомпромисна борба против секаков вид криминал и корупција. Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ можат да се обидуваат колку сакаат, но нема да ги одбранат криминалците и криминалот, оти секој одговара за своите дела – вели Талевски.

marihuana

Според пратеникот на ВМРО – ДПМНЕ Петар Ристески, совршено е јасно зошто пратеникот од СДСМ, Миле Талевски, го брани картелот Заеви.

-Заради тоа што тој е во друштво со Кире Спиркоски – Чипсио и заради тоа што лично учествуваше во поставувањето на Кире Спиркоски – Чипсио за командир на полицијата вели Ристески

Според него, командирот Спиркоски беше незаконски поставен, без соодветно образование.

-Министерот Спасовски го постави партискиот над државниот интерес. Командирот Спиркоски се забележува во друштво на Спасовски, градоначалникот Илија Јованоски, пратеникот Миле Талески и со поранешниот министер за транспорт и врски, а сега директор на царината, Горан Сугарески. Значи Спасовски и Јованоски се први соработници со командирот осомничен за трговија со дрога – вели Ристески.

За него, колегата Миле Талевски треба да одговори кој е вмешан во криминалот со дрога од раководството на СДСМ?!

-Талевски е најодговорен, бидејќи во време кога тој беше претседател на Советот во општина Прилеп е назначен Кире Спиркоски – Чипсио за командир на полицијата. Јасно е зошто Талевски го брани криминалот кој царува во Прилеп. Заедно со Јованоски, најмалку што можат е да понесат морална одговорност и веднаш да се повлечат од функциите. Јасно е дека зад целиот криминал во Прилеп стојат овие лица кои се најгласни за последните акции на МВР за заплената на огромно количество на дрога – вели Ристески.

Loading