НЕМА ДА ИМА ПОЛИТИКА ВО ПОБЕДА

Фудбал: Формирано Координативно тело

-Компаниите-акционери ги подариле акциите на фудбалски работници

Fudbal

Во мошне тежок период за ФК Победа, по двогодишното водење на Миле Спиркоски, формирано е Координативно тело со 9 члена: Градоначалникот Илија Јованоски, тројца фудбалски работници од клубот, петмина од ОФС – делегати во ФФМ.  Избрани се водечките луѓе, симбиоза на две компоненти – менаџерската и фудбалската. Клупски претседател е економистот Емил Јанески (генерален директор на ЈКП Водовод и Канализација), спортски директор долгогодишниот трофеен фудбалер Благоја Гешоски (доскорешен капитен на екипата), кои заедно со актуелниот тренер Дарко Крстески ќе го водат клубот до крајот на првенството. Во Телото се и легенди на Победа, како и членови од навивачките групи.

-Победа е фудбалски клуб на Прилеп. Договоривме да нема политика. Наш приоритет е интересот на Победа. Одлуките ќе се носат со консензус, а не со надгласување – рече градоначалникот Јованоски.

Клубот, конечно, го смени моделот. Ако порано беше акционерско друштво со 5 компании-акционери, секоја со сопственост од по 20 проценти, сега четири компании ги подариле акциите на Општината, како и на тројца клупски фудбалски работници: Благоја Гешоски (спортскиот директор), Кирил Овезоски (координатор на Младинската школа) и Зоран Мирчески (домаќинот во клубот – единствениот вработен). Според ова, финансиер ќе биде Општината, со очекување да се вклучи и приватниот сектор.

Опстанокот е реалност

Екипата на Победа ,,дома,, во Битола, одигра само 0:0 со Слога. Сепак, не се загубени шансите за опстанок во Втората лига – Исток. Според клубот, доволно е и 8 место, доколку од Првата лига отпадне само Беласица, од сите екипи кои припаѓаат на Истокот.  Претстои гостување на Саса во Каменица.

Табела: Брегалница 58, Тиквеш 49, Кит-Го 38, Кожуф 35, Осогово 29, Саса 28, Слога 23, Победа 17, Плачковица 11, Росоман 9.

Стадионот готов во мај?

По пет години, се ближи денот кога фудбалерите на Победа ќе истрчаат на преубавиот терен од Стадионот ,,Гоце Делчев,,. Треба само да се постават базје зад головите и да се дотераат рефлекторите. Можно е пролетва да има второлигашки меч.  Ако не биде на 1 мај со Росоман, тогаш на 15 мај со Кожуф.

Loading