МАГАРИЊА СЕ ОНАДАТ В ПОСТЕЛА

Откако пораснала внуката на отепаниот брат од Турците, стриковците ја омажиле во соседното село. Зетот во петок, го спремал добитокот за на пазар. На пат на вечер им бил гостин на преспијување на стриковците, а утрината покаснувал и рано заминувал со стрикото или со пазарџиите. Вечерта пак се враќал кај стриковците на преноќување. Во неделата заминувал товарен и нагостен. Навиката траела долго време. Жената почнала да го кара.

-Мажу,на стриковците ги пречиш. Секој пазарен ден им си гостин двапати. Половина недела си на пазар. Срамота е – го прекорувала жената.

Тој не ја слушал.

-Добри луѓе се. Одморам, па и ти што се буниш?

-Не ги познаваш. Ќе дојде време кога со гол газ, на сред ноќ, во половина метро снег, ќе си дојдиш дома.

Зетот продолжил, а на стриковците им станал здодевен. Секој пазар биле врзани. Не можеле да потераат работа. Планирале како да го намалат доаѓањето, да му го дотераат акалот и да го стават на ред. Да му велат, не е арно, оти можеби ќе се налутел и ќе им раскажел на соселаните.

Неколку дена пред Божик паднал голем снег. Зетот дошол пак вечерта кај стриковците. Ноќевал и утрото со едниот стрико заминале. Пазариле што требало за Божик. Вечерта се вратиле на вечера и си легнале. Стрикото и зетот легнале уморени во една постела. Додека јатрвите – стрините останале во ноќта да сучат и да печат суви кори на вршник за божикниот мазник. Дебелиот стрико се расположил, уморен и спиел мирно. По полноќ стрикото на зетот му го одврзал волнениот гашник од бечвите, му ги поттурнал надолу и му го подобрал. Зетот сетил,  срипал од постелата и свикал. Дошле и другите стриковци да видат што е работата. Стрикото што го онадил зетот се правдал дека згрешил, оти ја сторил неговата жена.

Другиот стрико прашал.

– Барем му го згнети?

Од кај огништето слушнале стрините. Едната ја зела машата, другата го зела сукалото и ги удирале стрикото и зетот.

-Засрамете се. Магариња да се јаваат, и тоа в постела!

Се налутил зетот и рекол:

-Срамота, вие сакате да ме онадите?

Ги товарил добиците со пазарлакот и заминал во глувата ноќ. Не се уплашил ниту од големиот снег, ниту од ноќните вампири, сеништа, од дивината и во зората си отишол дома.

Жената му се изненадила.

-Стриковците ти ги турнале бечвите, штом си избегал ноќеска?

После тоа, зетот никогаш не отишол на преноќевање кај стриковците. Никому не кажал што се случило. Не сакал да се сретне со стриковците. Го менал и патот за на пазар.

Loading