СИНТАКСА

ivce1Синтаксата е една од битните карактеристики на секој јазик.Така е и со нашиот јазик. А дали е така во практиката? Не! Во мног уситуации е крајно испаколичена. Сме пишувале и во други пригоди. Но, зошто не се интересираат за тоа лекторите, новинарите,па дури и сите институционални структури? Постои една елементарна работа која треба да се знае. Во прашалните реченици, по прашалниот збор, треба да доаѓа глаголот. Еве, само еден краток пример за да биде појасно. Случајно избрана реченица: “Како свири виолината”? Едноставно. Но, ние редовно ваквите реченици би ги слушале: “Како виолината свири”  ? А сега ќе приведеме неколку реченици што сме ги слушнале или сме ги прочитале на нашите мали екрани: “Како ти утре во пекарата ќе работиш”? Еве друга реченица: “Што сега Бугарија бара од Македонија”? И уште една: “Како Биба Додева го победи вирусот”? Гледаме колку е избеган глаголот од прашалниот збор. Првата реченица би требало да гласи: “Како ќе работиш ти утре во пекарата (пекарницата)”? Втората реченица: “Што бара сега Бугарија од Македонија”? И третата: “Како го победи вирусот Биба Додева”? Значи, меѓу прашалниот збор и глаголот може да дојде само некое кратко зборче, на пример -кратка заменска форма. Во последно време воопшто не се внимава на редот на зборовите во реченицата. Мошне често тој распоред се компонира по “урнекот” на српскиот јазик. Само за пример: “Како је Биба Додева победила вирус”? Гледаме, како е прашалниот збор “како” далеку од глаголот “победила”. Воопшто не се размислува на ова, дури се мисли дека и тоа не е воопшто важно. А важно е. Многу е важно.Тоа е карактеристика на нашиот јазик.

Многу често слушаме во разно – разни реклами, а и во други текстови да се употребува – “прашкаста” материја. Неодамна слушнавме на една наша ТВ дека бил извршен претрес кај извесен господин и при тоа била пронајдена, меѓудругото, некаква “прашкаста” материја. На ум не им паѓа на луѓето дека е тоа грешка. Така го слушаат од српскиот јазик и си го употребуваат како да е тоа сосема правилно. А не е така. Очигледно, станува збор за некаков прашок кој побудува сомнеж дека станува збор за дрога. Таа таква материја во српскиот јазик гласи “прашак”, а во македонскиот “прашок”. Мала е разликата, речиси никаква. Многу повидлива е разликата во придавките што би се извеле од тие именки. Во српскиот јазик, од именката “прашак” се извела придавка “прашкаст” (прашкаста). Нашиве луѓе си го земаат тоа како готово. А не може така. Ќе приведеме две други именки кои имаат сличен строеж со именката “прашок”, а тоа се “восок” и “песок”. Ако имаме сега некоја неидентификувана материја која прилега на песок како ли ќе гласи придавката? Дали може да биде “пескаста” материја. Или од восокот “воскаста”?  Секако дека не може така. Од песокот придавката ќе биде “песочен” (песочна), а од восокот “восочен” (восочна). Во нашиов случај, кога станува збор за придавка од именката “прашок” би требало да гласи “прашочен”. Тоа било прашочна материја. Може да биде и “прашковидна”. Евентуално може да биде и “прашеста” материја. Значи, може и вака и така, но никако не може и не смее “прашкаста” материја.

НА ТВ се емитува квиз. Гледани се таквите емисии. Таму, водителот не го испекол добро знаењето на јазикот. Се обидува човекот да биде духовит. Ќе направи некоја смешка, па вели – “Се шалам”. Се шали така повеќепати во емисијата. Плашејќи се да не биде погрешно разбран па вели “Се шалам”. Никако да му текне да рече “Се шегувам”. Тоа е нашиот збор. Имаше и некакви прашања од областа на фудбалот. Водителот ги прашува учесниците дали го пратат фудбалот. Ред е, човек кој се искачил на такво место, да знае дека глаголот “прати” кај нас има поинакво значење. Треба да знае дека прашањето треба да гласи дали го следат фудбалот, а не дали го пратат. Кога ќе згрешат нешто учесниците, тој ги теши дека следниотпат ќе бидело “подругачије”. Белки ќе му текне некогаш да каже ПОИНАКУ.

Loading