ТАЗЕ

Кога бев малечка најчесто бев намамена од мирисот на тазе печеното колпишмиде на баба ми. Тој мирис ќе ми ја прекинеше играта и ете ме, сум се ,,залепила,, на стаклото од шпоретот. Стаклото темно, едвај видливо, ама јас успевав да видам нешто назад. Нешто што се пече, што расте, крцка, а можеби и се движи, кој знае! Му се радував на колпишмидето уште непечено. Дури и да ја продолжев својата игра, во мигот повторно ќе се вратев во кујната кога ќе го слушнев караванчето како се вади од шпоретот. Тазе колпишмиде! Кога бев малечка се пресигав да го дофатам колпишмидето, ама пустото високо ми беше. Кога потпораснав, и веќе можев да му се восхитувам на штотуку изваденото колпишмиде, само му ја отскривав крпата со која беше покриено. Го ѕиркав како да се плашев дека ќе избега или ќе се измени, а не сум стигнала да го пробам. А, лиги ми течеа за колпишмидето, да го пробам најтазе што можи. И тогаш научив дека ништо месено не се пробува толку тазе, оти ,,не е појдено кај мајка му,,. Како мала многу се чудев, која му е мајка на колпишмидето, која на лепчето, која на кифличките, сите си одат кај својата мајка. ,,Така се вели,, – ќе ми речеа и тука моите прашања го најдуваа својот крај. А по целото колпишмиде имаше наросено малечки парченца сирење. И чекајќи го тазето колпишмиде да си појди кај мајка му, скришум ќе скубнев од сиренцата и ќе си ја залажев стрвоста.

Секој има по некој спомен со тазе месено печиво, спомен кој може дури и сега да го вкуси и да го помириса. А јас најдобро го паметам тазе колпишмидето со сиренца на баба ми!

Тазе е турцизам кој потекнува од турскиот збор тазе. Во македонскиот јазик се користи со значење на пресно, свежо, и тоа во улога на придавка.

Нина Насеска

Loading