ПРИЛЕП Е МЕЃУ ФАВОРИТИТЕ ЗА ПРВОТО МЕСТО

Ракомет: Горан Кузманоски, тренер

Rakomet

Екипата на Прилеп солидно одигра во Б-групата од Супер лигата и за малку не избори пласман во плеј-офот, што ќе значеше постигнување над очекувањата. Местото во плеј-аутот значи дека борбата за опстанок продолжува од почеток, бидејќи не важат претходните резултати. Конкуренти за спасоносното прво, или за второто место кое води во бараж, се: Тиквеш (Кавадарци), Работнички, Голден арт – КЛ 7 и Јуниор КВ (Скопје) Младост (Богданци), Радовиш и Астраион (Струмица).

-Мошне интересно ќе биде во борбата за опстанок. Тиквеш има добра екипа, а Радовиш е со години суперлигаш. Нашата екипа е меѓу фаворитите. Не треба да се заборави и на Работнички, Голден арт КЛ 7 и останатите, бидејќи екипите се засилени, како што не беа многу период претходно. Нема да е лесно – смета Горан Кузманоски, тренерот.

Екипата интензивно се подготвува. Одиграни се три пријателски меча со Еурофарм Пелистер 2 два и со Струга. На првиот дуел со битолчаните имаше три полувремиња, со цел да им се даде шанса на сите ракометари. На вториот победи противникот со три разлика. По мечот со Струга, во план се два дуела со Охрид, реванш со Струга и со Пролет. Во тимот се двајцата најнови – пивотот Александар Тренчевски и средниот бек Златко Везенкоски.

Плеј-аутот стартува на 7 март.

Loading