БРОЈЧЕНИК ИЛИ БРОЈЧАНИК

ivce1На Триумфалната порта во Скопје ќе се поставувал некаков апарат каде ќе се регистрирале, ќе се одбројувале евентуалните грешки, пропусти, финансиски малверзации. Одамна се зборуваше за тоа, се постави тој апарат, ама не проработи. Тоа не е темата, туку името. Тој апарат ќе се викал ,,бројчаник,,. Тоа го слушавме на сите ТВ, од мнозина политичари. Никој не помислува дека тој збор, во таква форма не може да стои во нашиот јазик. Интересно! Во Речникот (тритомниот) воопшто го нема. Во речникот на Зозе Мургоски е регистриран како ,,бројченик,,. Во српско-македонскиот речник српската именка ,,бројчаник,, на македонски е предадена како ,,бројченик,,. Единствено во новиот Толковен речник е регистриран како ..бројчаник,,. И сега – БРОЈЧАНИК или БРОЈЧЕНИК? Како е дојден тој збор? Од што е изведен? Како треба да биде изведен на македонски? Тоа е именка добиена од именка. Коренот е ,,број,,. Е сега, како ли се вика плочата со бројки на телефонот или онаа на часовникот? Во речниците пишува дека тоа е ,,бројник,,. Сите, без да размислуваме, велиме дека тоа е ,,бројчаник,,. Тука се крие грешката. Забораваме дека според нашите правила од именката ,,број,, добиената именка треба да гласи ,,бројник,,. По чуден обичај ја земаме српската форма и постојано велиме – бројчаникот на часновникот, бројчаникот на телефонот и сл. Не може во нашиот јазик да опстои таа форма. Ако веќе се тргнало по тој пат, ако едноставно интонацијата води натаму, тогаш тоа би било – ,,бројченик,,. Сега да го бараме и патот по кој дошол кај нас тој збор. Тој не може да се добие од именката ,,број,,. Рековме од таа именка би се добил ,,бројник,,. Такви се на пример случаите: Од збор-зборник, строј-стројник, зоб-зобник и… Во сите речници (на македонски јазик) регистрирана е придавката ,,бројчен,,. Во македонскиот јазик наставката е ,,ен”, а не ,,ан,,. Значи ,,бројчен,,. Од таа придавка може да се добие, да се изведе именка. А како би гласела таа? Се разбира – ,,бројченик,,. Затоа, зачудува тоа што во Толковниот речник е регистрирана именка ,,бројчаник”, а придавката и таму е ,,бројчен”, а не ,,бројчан,,. Претпоставуваме и сакаме да веруваме дека е тоа грешка.

Ќе повториме: Од именката ,,број,, може да се произведе именка ,,бројник,,. Тоа е сосема едноставно и логично. Но, тешко би рекле бројникот на часовникот. Повеќе не влече онаа српска форма. Тогаш, ако нашето уво свикнало да ја слуша баш неа, тогаш треба да се добие таква, слична според нашите правила. Именката ќе гласи – ,,бројченик,,. Од именката ,,број,, може да се произведе придавка ,,броен,, (бројни). Имаме бројна состојба, бројна именка, броен однос, многуброен и така натаму.

Не е едноставно додека се пронајди патот кој требаше да се помине за да се стигне до вистинската форма на зборот – БРОЈЧЕНИК.

Ќе се обидеме да пронајдеме и едно друго, можеби потесно патче кое води до истиот резултат. Деминутивната форма од именката ,,број,, гласи ,,бројче,,. Ние велиме, или зошто не би рекле, бројчињата на часовникот или бројчињата на телефонот. Со такви деминутивни форми се среќаваме, или можеме да се сретнеме, на многу места. Ако на некој предмет доминираат бројчиња кои имаат определена функција, според која ќе им дадеме име, зошто тоа да не биде зборот ,,бројченик,,? И во ваквиот случај имаме произведување на именка од именка како и во претходниот случај, наставката е ,,ник,,. Формирање на именки од именки со ваква наставка има многу: кал-калник, скут-скутник, лист- лисник, реч – речник и многу, многу други. Тој, БРОЈЧЕНИКОТ на триумфалната порта не профункционира, но неговото име (погрешно) го слушаме и којзнае до кога ќе го слушаме. И не е само тоа. Не е само таа грешка. Евентуалната грешка може да се поправи, но негрижата за јазикот е загрижувачка.

Loading