ПРЕМНОГУ ГРЕШКИ ВО ЕКИПАТА НА ПРИЛЕП

Ракомет: Пораз на значајниот меч за 3 место со Тиквеш

-Остануваат со Бутел во Скопје и дома со Еурофарм Пелистер 2

RK Prilep

Се одигра пресудниот меч на Прилеп за пласман во плеј-офот, дома со Тиквеш. Се чинеше дека домашниот терен, паркетот во салата ,,Ричко,, ќе биде голема предност за домаќинот, имајќи предвид дека во Кавадарци пред два месеца беше нерешено, 25:25. Само почетното водство им припадна на домашните, а потоа гостите дадоа 4 гола во серија, што го навести нивниот триумф. До крајот на полувремето кавадарчаните ја зголемија предноста на 10 гола, за да биде конечниот резултат 36:30. Попусто Реваз Чантурија пак беше расположен со 8 гола, а Казеин Рустамов даде 5.

-Исклучително лош натпревар на нашата екипа. Многу технички грешки, кои, искусната гостинска екипа знаеше да ги искористи. Тиквеш заслужено ги освои трите бода – искоментираа од РК Прилеп.

Сега се минимални шансите за пласман во плеј-офот, на 3 место од табелата во Б-групата. Теоретски постојат. Екипата на тренерот Горан Кузманоски мора да ги добие двата останати меча, со Бутел во Скопје и дома со Еурофарм Пелистер 2. Така, со шесте бода ќе се израмни со битолскиот Еурофарм Пелистер 2, и тогаш ќе одлучува бројот на постигнатите голови во меѓусебните дуели. Битолчаните дома победија со 3 гола разлика, па Прилеп би требало да победи со 4. Теоретски шанси има и Тиквеш. Но, овој тим треба да стигне до подвиг, дома со лидерот Металург, тим кој има 8 победи и само 1 пораз, во Битола од Еурофарм Пелистер 2, а потоа да го совлада и Работнички во Скопје.

Доколку Прилеп го освои третото место, ќе учествува во плеј-офот, меѓу 8 тима кои ќе се борат за титулата и местата во евро-куповите. Доколку освои пласман под 3 место, ќе учествува во плеј-аутот, во борба за опстанок меѓу 8 тима, по 4 од двете групи. По одиграни 14 кола ќе има конечна табела, од која првиот ќе има опстанок, вториот ќе игра бараж-меч со првиот од Првата лига, а останатите досегашни суперлигаши отпаѓаат.

Табела: Металург 24 (од 9 меча), Бутел 22 (од 10), Еурофарм Пелистер 19 (од 11), Тиквеш и Прилеп по 13 (од 10), Работнички 9 (од 10), Младост 3 (од 10).

Loading