ЗБОГУВАЊЕ СО ПОКОЈНИКОТ БЕЗ МЕТАНИИ

Петар Камчески, сопственик на погребниот операторот Белфаст Пената

Kamceski

Короната од март кога се појави, до сега во Прилеп однесе 120 животи. Речиси толку фамилии се завија во црно, ги изгубија најблиските, ги испратија во вечните почивалишта далеку од традицијата. Бидејќи се починати како последица од вирусот Ковид 19, кој е заразен и смртоносен, умрените се закопуваат по посебни протоколи и, што е најтешко, без присуство на најблиските. Членовите на семејството најчесто се во изолација заради позитивниот случај во домаќинството. За жал, има и куќи каде Ковидот “тропнал” и одзел дури и два животи од иста фамилија.

Погребните претпријатија имаат полни раце работа. Не само што е зголемен бројот на починати споредено со лани, туку до крајот на ноември прогнозите се за црн ковид биланс и неславен рекорд на починати.

Умирањето, како и раѓањето се дел од животниот процес. Прилеп е традиционален град кој негува одредени навики, адети, процедури и метании. Сето тоа е фрлено во заборав. “Новото” време, наметнато од пандемијата, носи нови начини на погребување. Петар Камчески, сопственик на операторот за извршување ископ и закоп на починати, познат како Белфаст Пената за Зенит отворено говори за најтрауматичните моменти присутни во секојдневието. Сведоштвото е потресно, уште повеќе што ширењето на епидемијата и смртните случаи, за жал имаат нагорен тренд. Односно двојно или тројно повеќе умрени од ноември лани.

Процесот на подигнување на починатите особено во болниците има одредени правила. Постапката е предвидена според протоколите од Министерството за здравство.

– Се зема од болницата што може побрзо. Го земаме починатиот во вреќа, го ставаме во сандакот и го запечатуваме. Го носиме в капела на Новите градски гробишта. Оттаму нема “излегување”. Се носи директно на гробот. Таму е попот и фамилијата. Најмногу присустни се 10 – 15 лица, сите заштитени со маски и на дистанца. Вработените на фирмата Белфаст Пената сите се заштитени со соодветна опрема, скафандери, визири, нараквици. Никој од присутните, од семејството не смее да го отвори и допре сандакот. Само четворицата работници го носат од капела до гробното место и се извршува закопот. Сета работа ја врши операторот – објаснува Петар Камчески, сопственик на операторот за закоп и погреби Белфаст Пената.

Фамилијата не смее да учествува во церемонијата. Нема погребување како некогаш со сите редишта и со причувување. Нема целивање, нема подароци и испраќање за блиските на оној свет, нема “отчестување” со палење на свеќи и изразување на сочувство до најблиските од подалечни роднини, соседи, колеги, познајници. А откако покојникот ќе биде погребан, нема организирање на традиционалниот “ручек за душа”!

– Ова не било никогаш. Нема собирање, нема раздавање на храна на гробот. Се врши погребот и толку. Нема ручеци во трпезаријата. Семејството си заминува. Во трауматичните моменти реагираат членовите на семејството. Никој не може да остане рамнодушен со оглед на традицијата. Особено за оние релативно помлади покојници од 40-55 години. Драматично се вознемирува целата фамилија, кога некој починал утрото во 8 часот, а треба да се погреба по 5 – 6 часа. Семејствата се изненадени, не се спремни на таков чин, не им се верува што им се случува дека изгубиле најблизок, татко, мајка, син, брат, сестра, дедо, баба, вујко, стрико… Најлошото им дошло како гром од ведро небо – вели Камчески. 

Работата е многу ризична за вработените. Секако, и многу напорна, затоа што е зголемена дневната динамика на погребите. Успеваат за кусо време да го организираат погребот во услови кога дневно имаат по 2 – 3 покојници.

– Ги преземаме сите заштитни мерки за вработените. Затоа сите 9 вработени засега се здрави. Ако човекот починал до 8 часот изутрина, погребот се врши истиот ден. Тоа е по препорака на министерството за здравството. Такви се мерките. За другите починати се организира погреб, во рок од 24 часа, како што било секогаш. Документацијата се подготвува после погребот – објаснува Камчески.

Вели дека тешко се носи со ситуацијата, максимално одговорно, напрегнато, напнато. Водат сметка за максимална заштина на работниците и жалаат што Прилеп е завиен во црно.

ТРОШОЦИТЕ ЗА КОВИД ПОГРЕБОТ СЕ ПОВИСОКИ

Трошоците за погребот на починатите од Ковид 19 паѓаат на товар на фамилијата, но се повисоки за разлика од другите погреби.

– Трошоците се повисоки. Тоа значи дека и давачките за семејството се поголеми. Има кревање, носење од болница… Сето тоа оди со користење на соодветна заштитна опрема на работниците. Погребот мора да се одвива со четворица вработени кои го носат сандакот. Тоа ги зголемува давачките за најмалку 4-5 илјади денари. Ако еден просечен погреб чини 17-19000 денари, сега чини 25-28000 денари. Плус ако покојникот се носи од скопските болници, се создава уште поголем финансиски товар за семејството. Ова што овде го работиме, во Скопје се наплаќа од 35 – 45 илајди денари – објаснува Камчески.

БУТЕЛ НАД ДРЖАВАТА

Траумите и трошоците се поголеми и повисоки доколку пациентот почине во Скопје. За да се преземе покојникот од Бутел се чека со саати. 

– Потешко се преземаат починатите од скопските клиники. Бидејќи Бутел е јавна фирма, единствен оператор, кој ги презема покојниците. Ние од таму треба да ги преземеме, што не во ред. Тоа влијае на пораст на давачките. Вработениот возач чека 3-4 часа да го преземе телото на покојникот. Бутел е над државата. Никој ништо не им може, ниту контрола имаат од инспектори, ниту казни, ниту некој нешто им може – објаснува Камчески.

ДВОЈНО ИЛИ ТРОЈНО ПОВЕЌЕ УМРЕНИ ОД ЛАНИ

Шест пациенти од Прилеп починаа за 24 часа како последица на короната. До 24 ноември починале вкупно 120 прилепчани.

– Последниве две-три недели само ние имаме по два-три погреби дневно. Лани во овој период, сме имале по два-тројца покојници. А сега имаме по 6-7 починати дневно. Месечно заминуваа од овој свет 60-65 прилепчани. А во ноември се очекува да се заклучи со бројка од 140 – 150 лица –  објаснува Камчески.

ТРУПОТ СЕ ЗАВИТКУВА СО ЧАРШАВ СО ХЛОР

Според Протоколот за превенција од инфекција и контрола за безбедно управување со мртвото тело од последиците на КОВИД-19 има процедури за постапување со телата на починати лица, а обезбеден е и персоналот. Подготовката на телото опфаќа: затворање на сите отвори или рани што може да ги има пациентот, како што уста, нос, уши… со употреба на памучни топчиња или газа натопена во средство за дезинфекција врз база на хлор. Потребно е завиткување на трупот во чаршав натопен со средства за дезинфекција врз база на хлор. Завитканото тело се става во кеса за леш. Персоналот кој го подготвува телото, го пренесува телото во сандакот и го предава на погребалната фирма која управува со гробиштата. Се врши целосна дезинфекција на просторот каде што се постапувало со телото.

Loading