ПРЕСПАНА ПЕЕ ЗА ПРЕСПА

prespana

Творечкиот опус на поетесата Лидија Дочовска Павловска, позната и под псевдонимот Преспана, е дополнет со две нови книги: ,,Ехото на старите патеки – Виа Игнација,, и ,,Розите на Преспа,,. Двете книги се рефлексија на опсесивната преспанска тема.

Растејќи во Преспа уште од рантоо детство, таа го чувствувала мирисот на преспанските рози, кои по многу години процветале во нејзиното срце и се излеале на белите листови хартија под наслов ,,Розите на Преспа,,. Во ,,Ехото на старите патеки – Виа Игнација,,, Преспана го изнесува погледот и филозофијата на животот со почеток и крај, како и патот што води од Драч до Константинопол, исполнет со колоритни животни приказни.

Во критичкиот осврт Проф. д-р Венко Андоновски напиша: ,,…Убава е оваа треперлива поезија, поезија на илузионистичкиот миг за светот, особено кога во тој интеркултурен букет ќе се најде и цветот на личното чувство, болката, сочувството, чувството на соединување со светот како врвно божество од кое сѐ излегува и во кое сѐ се враќа и се слева, во согласност со источните мистични филозофии,,.

Лидија Дочовска Павловска – Преспана е член на Друштвото на писателите на Македонија. Таа е дипломиран правник, вработена во МВР. Професионалната определба не í претставува граница да го изнесе тоа што го носи во себе и да го сподели со читателите.

Loading