ПРОСОТО ЈА ШТИТИ КУЌАТА ОДНАДВОР, А ТЕЛОТО ОДВНАТРЕ

pro

Секоја намирница носи нешто добро но и нешто лошо. Она што некому може да помогне, на друг ќе му одмогне. Зависи од здравствената состојба. Се верувало дека малото жолто зрно, просото, е добро во борбата против вештерки и зли духови. За заштита се поросувало на праговите од куќата. Дури се ставало и во темелите. Го користеле младите девојки за мажење. Го поросувале околу оградата и трипати повторувале – ,,Колку просови зрна, толку запросувачи да имам,,!

Просото е житарица богата со минерали, пред сé, фосфор и магнезиум, но и комплекс од витаминот Б. Донесено од Африка и Азија. Се користело за безквасен леб, пред да стане храна за птиците и стоката. Кинезите го сметале за една од петте свети билки, покрај сојата, оризот, пченицата и јачменот.

Лесно се одгледува. Не бара посебни вложувања. Затоа е евтино. Постојат неколку видови. Иако е богато со растителни протеини, содржи и скроб. Поради високата содржина на салицилна киселина, тоа е козметички препарат за кожата. Потоа е одлично за ноктите, косата и забите. Не содржи глутен.

Едногодишното житно растение расте до 100 см. Стеблото е исправено со широки и долги листови. Класот на просото е растресит. Се култивира на полиња и плантажи.

Консумирањето во комбинација со зеленчук, минимум двапати неделно, влијае на свежината и убавината на тенот. Се употребувало за лекување на водена болест, за прочистување на цревниот тракт од бактерии, прочистување на крвта, мокрење во кревет.

Чаша лупени зрна се поливаат со 5 чаши вода и се остава да кисне 5 часа. Кога водата ќе се впие во набубреното просо, се додава уште вода и се става на оган да зоврие. Се додава дробен морков, магдонос, праз, целер. Кога ќе биде варено се додава малку сол.

Оваа диетална храна помага за чистење на организмот.

Ова семе благотворно влијае на желудникот, на сплинката, ја обновува цревната флора, го подобрува варењето, штити од умор, бронхитис и кариес. Поттикнува исфрлање на токсините, ги чисти бубрезите од песок и спречува трулење на храната во цревата.

Го чисти организмот и ја нормализира рН вредноста.

Негативна страна е високиот гликемиски индекс. Затоа не треба да се јаде често, особено шеќерашите. Содржи гоитрогени  кои ја нарушуваат работата на штитната жлезда. Не е докажано колку се деактивира со готвење.

Не содржи глутен. Печивата со брашно од просо се ронливи.

Loading