НЕУСОГЛАСЕНОСТ

ivce1До пред седумдесетина година не постоеше телевизија. Дури и радиата беа ретки. Што правевме? Нижевме тутун и пеевме. Се натпевавме со соседите. Тие што имаа радио одвај чекаја да дојде 14 часот, зашто во тоа време (14-14. 30) се емитуваше народна музика. Можеме ли сега да се замислиме без ТВ. Таа е веќе составен дел на нашето секојдневие.

Со овие неколку реченици ја доближуваме темата за која сакаме да зборуваме. ТВ сега е и информатор и учител, и забавувач, и што уште не. Главнат алатка со која се презентираат ТВ програми е зборот, јазикот. Но, литературниот јазик а не оној што мошне често го слушаме. Обично, кога слушаме вести, прво накусо ќе не информира презентерот, потоа ќе се јави новинарот со пошироко образложение, а на екранот, скратено е напишано најбитното. Грешките обично се многубројни.Забележивме мошне голема неусогласеност. Еве неколку примери. Презентерката информира за човек кој бил болен. Болеста била посериозна. Траела подолго време, но еве, сега пациентот се опоравувал. А долу, на кајронот читаме дека пациентот закрепнува. Тој збор, тој глагол ,,опоравува,, го слушаме многу често, а не треба да го слушаме никогаш. Тој не е наш и не е потребен. Она што го читаме на екранот – ,,закрепнува,, е точниот збор, што е потребен, Но зошто вака? Во исто време слушаме ,,опоравува,, а читаме ,,закрепнува,,. Во она што е напишано дека болниот закрепнува, најверојанто се замешала раката на лекторот. Но, од друга страна, и текстот што го говори презентерот неопходно е да биде лекториран.

Друг случај. Извесен политичар седел во кафана, така вели тој. На екранот читаме кафеана, а презентерот ги употребува двата збора. ,,Кафана,, е погрешно, а правилно е ,,кафеана,,. Ајде да појасниме. Зборот е со турско потекло. Буквално преведено значи – кафе куќа. Зборот ,,кафе,, во српскиот јазик се преадаптирал и гласи ,,кафа,, и затоа таму е ,,кафана,,. Кај нас, кафето е кафе и затоа имаме ,,кафеана,,. Политичарот го употребува зборот ,,кафана,,, повеќепати. Тој го научил тоа напамет и воопшто не размислува дали е правилно или не. Лекторот (претпоставуваме), во испишаниот текст, употребува ,,кафеана,, како што е правилно. Но, зошто презентерот во истиот момент ги употребува двата збора – еднаш така, еднаш вака? Еднаш, го баравме по телефон, лекторот од извесна ТВа. Одговорија дека во моментот не може да се јави, зашто го лекторира дневникот. Значи, текстот на презентерот е лекториран, а еве слушаме еднаш ,,кафана,, еднаш ,,кафеана,,.

Во сендвичарница во Скопје, неколку млади луѓе јаделе сендвичи. Настанало некакво труење. Момчињата биле принудени да бараат лекарска помош. ТВ известува за непријатниот настат. И овде исто. Во напишаниот текст што го читаме на екранот гласи ,,сендвичарница,, а презнетерот повеќепати вели ,,сендвичара,,. Правилниот збор е ,,сендвичарница,,. Има повеќе вакви случаи со употребата на вакви зборови. Во Прилеп, фабриката за производство на пиво е ,,пиварница,, (како што е правилно), а скопската е ,,пивара,,. Во последно време, пократката форма (сендвичара, пивара) пробива пат. Можеби и ќе успее да надвладее. Треба да се користи ,,сендвичарница,, а и другите такви зборови, да не набројуваме сега. Лингвистите треба да го имаат главниот збор. Целта е да подвлечеме дека е невкусно во иста емисија, во исто време, да се користат различни форми.

Го слушавме и искажувањето на едно од момчињата кое јадело сендвич  во сендвичарницата. Запаметивме нешто. Момчето кажува дека јадело сендвич од таа сендвичара, добило тровање, имало болки над пупак, нешто као грчеви. Ете така!

Loading