ЛЕБАРКИ, НЕ БУБАШВАБИ

ivce1На една наша ТВ, позната и призната водителка ни соопштува за еден новопојавен проблем. Станува збор за тоа дека имало многу комарци и бубашваби. Бубашвабите кај нас се лебарки. Чудно е зошто е исфрлен овој збор, а се зема туѓ. Ни беше прирака Речникот на Зозе Мургоски. Тој го внесол зборот ,,шваба,, како збор со пејоративно, подбивно значење иако тој збор нема некое особено место во нашиот јазик. Секако тоа е направено под влијание на српскиот. Сметаме, без никаква потреба. Во истиот Речник Мургоски има коментари и објаснувања за повеќе инсекти, повеќе бубалки, бубачки и буби. Ни падна в очи описот на познатиот инсект ,,бубамара,,. Опишувајќи ја вели дека има црвенкасти крила. Е, не! Грешка. Крилата на бубамарата се црвеникави, а не црвенкасти. Бидејќи грешки од ваков вид сме среќавале и на многу други места, ќе ја повикаме на помош Граматиката на Блаже Конески. На страницата 204 се објаснува употребата на наставката ,,кав,,. Ќе цитираме: ,,Со оваа наставка се придава намален степен на својството: шареникав, црвеникав, жолтеникав, зеленикав, синкав, модрикав, матникав. Имаме изведување на придавки што значат боја,,. Има и други објаснувања, но ова е доволно. Ќе додадеме дека и во никакви други случаи не смее да се користи наставката ,,аст,, туку македонската ,,ест, (будалест, влакнест, плеќест). Во Речникот на Мургоски постојат и други неточности. Сакаме да веруваме дека се ненамерни и случајни.

Читаме превод од српска емисија на една наша ТВ. Една реченица на српски гласи: ,,Углавном, ти си знао,,. На екранот читаме превод ,,Воглавно, ти знаеше,,. Редовна грешка. Штом ќе се појави српски збор кој почнува со префикс ,,у,, и ние одеднаш – ,,во,,. Србите велат ,,уживо,, а ние ,,во живо,,. И ова ,,воглавно,, е погрешно. Треба да се употреби само зборот ,,главно,,. Реченицата би гласела – ,,Главно, ти знаеше,,. Еве уштееден превод од српскиот јазик. Во филмот, еден актер е качен на високо место, а партнерот му вели: ,,Симни се долу,,. Велиме грешка при превод од српски јазик, а можеби поточно ќе биде ако речеме дека е тоа редовна појава во скопскиот говор. А такви зборови карактеристични за скопскиот жаргон слушаме мошне често во официјални емисии на наши ТВ. Српското – ,,сиѓи доле,, кај нас треба да гласи ,,слези долу,, а не ,,симни се долу,,. Глаголот ,,симнува,, може да се користи за симнување на предмети, а човекот не може да се симнува самиот себе. Можеме да го симнеме куферот од полица, можеме да го симнеме палтото. Можеме, пред некого да симнеме капа поради почит. Но ако сме на високо ќе слеземе.

Во едно поодамнешно време се појави во честа употреба на, за нас туѓ, и речиси непознат. Кога се распаѓаше Југославија, тогашните претседатели на републиките се собираа почесто. Бараа начин за некакво подобро решение. Често се велеше дека односната средба направила мал помак. Тоа како да влезе во меморијата на нашиве луѓе, особено кај политичарите. Следиме разговор на една наша ТВ. Водителката и поранешна политичарка, сега веќе располитичена. Зборува таа за некое време, за некои состојби кога се барале одредени решенија и вели дека успеале да направат извесен помак. Зошто нашиве луѓе не размислуваат ,,помак,,. Како е добиен и дали воопшто може да има место во нашиот јазик. Српскиот глагол ,,макнути,, (помакнути) означува некое мало задвижување, помрднување, чекор напред и слично. Значи, претседателите во тоа време, помрднале малку напред во барањето решение. Го задвижиле малку тој процес или, на српски – направиле ,,помак,,.

За жал, при употребата на нашиот, уште нема ,,помак,,.

Loading