ЛАГИТЕ НА ПЕЈО И НАСРАДИН

Итар Пејо и Насрадин-оџа се договориле да лажат и да надлажуваат во Прилеп. Биле гладни, а пари немале. Во еден ан Пејо се досетил.

-Седи тука и вали го огнот, а јас ќе донесам некоја риба да испржиме.

На рибниот пазар пазарил цел кош риби. Му рекол на рибарот да го прати калфичето да му даде пари и да си го прибере кошот.

Овој го испратил детето со Пеја, а тој го свртел патот крај црквата и му рекол на детето.

-Постој тука рибиве да ги препее попот, зашто ми се за на гробишта, умре татко ми.

Детето застанало, а Пејо низ другата врата побегнал со кошот и право кај Насрадина во анот.

Чекало детето, чекало, и кога видело дека го нема, влегло и в црква да го побара. Попот читал книга и го наврел епитрахилот на вратот, му тутнал една свеќа и крст во рацете и почнал да му чита молитва. Одвај се разбрале дека го бара Пеја со кошот риби. Попот не можел да му помогне и детето отишло кај мајсторот без пари и без кош.

Им требало масло за пржење на рибите. Пејо зел голем сунѓер и отишол во црквата. Го намакал сунѓерот во три-четири кандила и однесол полока масло. Ја опнале тавата, ги напржиле рибите. Им притребало леб и им се присакало и винце. Му порачале на анџијата и убаво се накркале. Кога дошол калфата да му платат, тие се препирале кој да плати. Најпосле Пејо му рекол на калфичето.

-Ние сме добри другари, поарни од браќа. Не се погодуваме кој да плати. Да ти ги врзиме очите со шамијава и кој ќе го фатиш, тој ќе плати.

Калфичето се согласило и ги барало по широката одаја, а Пејо и Насрадин ја фатиле вратата и се изгубиле во градот.

Loading