СТО МАРКИ ЗА ГАЈДА

Ретко некој по Мариово да не знае да свири на гајда или на шупелка. Итар Пејо беше одличен гајдаџија. По една отпуска од фронтот, ја зеде гајдата од село и ја однесе кај војската. Уште на ротниот бивак зад окопите, ја наду и ги насобра другарите во заднината на оро. Пејо свири, а тие играа ко на Спасовден на средсело. Се насобраа и гледачи, и некои Германци, штотуку дојдени на фронтот. Пејо ја дуе гајдата и по сите музички правила ги навива едно по едно разните мелодии од мариовските ора. Слушаат Германците, бараат да видат некакви клапи како кај армоника. Нема ништо. Еден Германец побара од Пејо да му ја продаде гајдата. Овој се понамршти, и повеќе од љубопитство, му посака 100 марки. За толку пари можеше да купи пет гајди. Пејо мислеше дека нема да му даде толку пари и не веруваше дека ќе остане без гајда. Германецот извади пет банкноти по 20 марки, му ги фрли на Пеја и ја зеде гајдата уште неистушена. Набрзина го извади ножот, ја расече среде кожата и почна да бара нешто во неа. Пејо и другите војници прснаа да се смеат, а Германецот навреден што не ги најде клавирите како кај армониката, ја удри одземи и опцу: ,,фарфлуктешвајнарај,,. Си ги кладе рацете одѕади и се оддалечи.

Пејо ја зеде гајдата и на другиот ден купи едно јапе за 10 лева, та си направи од кожата друга гајда со истата сурла и брчало. Во заднината продолжи да го дразне Германецот:

-Дојчо, сакаш да ти ја продадам гајдата да видиш што има во неа?

Германецот одговараше надуено.

-Швајнарај – и го вртеше грбот да не го гледа Пеја како му се смее в лице.

Loading