ЗАЈАК КОЛКУ КРАВА

Кога се враќал Итар Пејо од панаѓур, сретнал тројца лажговци. Тие го советувале да ја скастри кравата за да ја продаде по подобра цена. Го скрил јадот што го чувствувал кон нив и љубезно ги поканил да дојдат да им се заблагодари.

Пејо дома одгледувал две зајачиња. Кога лажговците стигнале дома, тој бил на нива во близина на куќата. Жена му го пуштила едниот зајак, божем да го викне. Селските кучиња почнале да лаат по зајачето. Пејо го слушнал лаењето и за час стигнал дома.

Гостите го прашале како знаел дека има гости за да дојде дома? Им кажал дека зајакот го викнал. Го земал вториот зајак, зошто првиот избегал, и им го покажал. Тие биле зачудени од вештините на зајакот и побарале да му го купат. По кратко натегање и убедување, Пејо им го продал зајакот по цена колку една крава и нешто повеќе.

Кога заминале тројцата лажговци, решиле да ги пробаат вештините на зајакот. Се одалечиле еден од друг. Првиот му кажал на зајакот што да му пренесе на вториот. Но, штом го пуштил зајакот на земја, тој избегал. Така тројцата лажговци платиле за штетата што му ја направиле на Пејо.

Loading