РАКОМЕТ ПРЕД 20 ИЛЈАДИ ГЛЕДАЧИ

Историја

Летото 1987 година, од 1 до 5 јули, во Прилеп и Битола се одржа престижната ракометна манифестација ,,Трофеј на Југославија,,. Учествуваа Југославија-А, Југославија-Б, Пелистер, СССР, Шпанија, Исланд, ДР Германија и Норвешка. Салите Македонија и Младост беа полни. Дури и последниот меч, во недела, кој наместо навечер, се одигра напладне, токму кога прилепчаните се по нивите со тутун, салата Македонија беше преполна. Гледаноста надмина 20 илјади гледачи. Тие уживаа во врвниот ракомет прикажан од светските величини, како Тучкин – најдобриот играч на турнирот, Риманов, Свириденко (СССР), Рико, Муњос, Пуит (Шпанија), Плајдс, Вигрин (ДР Германија), Цветковиќ, Исаковиќ, Портнер (Југославија)…

Турнирот помина во доминација на СССР. Оваа репрезентација трипати победи, двапати одигра нерешено и по шестипат стигна до пехарот. Второто место им припадна на темпераментните и борбени Шпанци, а третото на Исланд, малечка држава која прераснуваше во голема ракометна сила. Повеќе се очекуваше од четвртопласираната ДР Германија. Најголемо разочарување беше Југославија, светскиот шампион. Младата репрезентација на Југославија ги оправда очекувањата со 6-то место. На последните две места беа Норвешка и единствениот клуб, битолски Пелистер. Норвешка, сегашна велесила, тогаш не значеше многу во ракометот. Таа постигна најмалку голови (61), додека најмногу (90) даде Југославија. Пелистер прими најмногу (92), а Југославија најмалку (60).

Најдобар стрелец беше Плајдс од ДР Германија со 32 гола.

Loading