ЕВРОПСКИОТ „РЕКЕТ БРОЈ 1“ ВО ПРИЛЕП

Историја

Пинг-понгот е еден од најомилените спортови за прилепчаните. Не е случајно. Освен во фудбалот, општинава има своја спортска лига во пинг-понг. Во почетокот од 1968 година е формирана Општинска пингпонгарска лига со 10 клуба. Учествуваат: Гимназијата, Дрвноиндустриското училиште, Вишата економска школа, Електродистрибуција, Тутунскиот комбинат, Црн Бор, 11 Октомври, Микрон, Вишне и Кривогаштани. Лигата го зголеми интересот. Подоцна е формиран и клубот ЗИК Прилеп. Прилеп е зацврстен на  врвот од македонскиот пинг-понг.

Рејтиногот на прилепскиот пинг-понг се почитува низ гостувањата на познати пингпонгари од тоа време. Во октомври истата година, гостува репрезентацијата на Југославија, со селекторот Душан Османагиќ и репрезентативците Драгутин Шурбек – тогаш најдобар европски пингпонгар, Златко Чордаш и Миливој Каракашевиќ. Во преполнетата сала од Домот на ЈНА одигран е пријателски меч со домашниот Младост. Гостите го добиваат дуелот со максимални 5:0, а прилепчаните даваат очекуван отпор, според можностите. Шурбек добива три партии, Чордаш и Каракашевиќ по една. За Младост тогаш настапуваат: Методија Палилулески, Стеван Базеркоски, Бошко Гаврилоски, Трајче Магдески и Димитар Мавцоски.

Младост е многукратен првак на Македонија. Надвор од границите  се претставува во две сезони. Во 1978/79 го освојува првото место во Меѓурепубличката лига. Потоа не успева во квалификациите, а по минување на квалификациите со Петар Јованоски, Златко Иваноски, Зоран Јованоски  и тренерот Никола Мачески, во 1989/90 е член на Втората југословенска лига – Исток.

Loading