ЦВЕТАЊЕ НА „ЦВЕЌЕТО НА ПАРИТЕ“

cveke

Со еден трик се буди и цвета домашното цвеќе, особено красулата, наречена ,,Цвеќе на парите,, што е чест украс во речиси секој дом. Дури и почетниците можат да се справат лесно и успешно, бидејќи не бара некоја голема нега. Но, ако се случи да не процвета со години, бидејќи не расте во неговата природна средина можно е да се предизвика цветање. Треба да се измамат ладни ноќи и светли денови, без наводнување, а тоа ќе пушти пупки и ќе процвета.

Красулата е позната по своите меслести листови со форма на паричка. Од повеќе типови, најчесто се одгледуваат Овата и Аргентеа. Се размножуваат вегетативно, но може и да цветаат и да дадат семе. Потребно е да созрее по раст од повеќе години без цвет. Честопати воздухот е премногу влажен и не овозможува формирање на пупки. За да процвета потребно е суво место, да не се полева и да се изложи на пониски температури преку ноќта. Само треба растението да биде повозрасно.

Сите растенија бараат одредени услови за цветање и за размножување. Некои бараат фотопериод, некои бараат хибернација, а некои треба да се испровоцираат во екстремни услови. Красулата ги бара сите три услови. Потребно е да се престане со наводнување за да се одмори. Зимно време кога денот се скратува е најпогодното за процветување. Идеална температура на која треба да се чува е 12 степени. Но, да не се изложи на прениска температура и да се дојди до замрзнување. Пупките би требало да се формираат кога денот е најкраток во годината и да процветаат на крајот од зимата, почеток на пролетта. Се формираат прекрасни мали гроздести бели цветови на врвот од секоја гранка и имаат краток век на траење. Откако ќе прецвета, стеблото станува кафеаво. Па може да се поткастри прецветаниот дел. Треба да се почне полевањето и зголемувањето на температурата како што напредува пролетта. Во лето, постепено се пренесува на отворено, без да биде директно изложено на сончеви зраци, а сепак да е светло во поголемиот дел од денот. Се полева само кога земјата е сува. Не бара голема саксија. Добро е да се пресади во нова земја секои три години. Новата почва треба да е хранлива мешавина. Може да се прихранува со течно ѓубриво, а во текот на есента полека да се приготвува за зимското мирување. Во топлите денови се наводнува еднаш на секои 2-3 седмици кога надворешната температура е 18-24 степени, а преку зимата доволно е еднаш месечно. Најдобро е да се полеваат со филтрирана вода, бидејќи е чувствително на водата од чешмата и мора да се внимава да не се натопуваат листовите.

Loading