КОГА ЛЕКАРОТ ЌЕ СТАНЕ ПАЦИЕНТ И ЌЕ ГО ПОБЕДИ КОВИД 19

д- р Емилија Костоска, спец. инфектолог

Emilija 1

Од почетокот на пандемијата со коронавирусот во Прилеп до 28 април, потврдени се вкупно 143 позитивни на Ковид 19, а излекувани се 29 лица. Меѓу нив има и здравствени работници. Битката со коронавирусот ја доби и д-р Емилија Костоска, спец. инфектолог од прилепската болница. Нејзиното заминување од болничкото лекување, колегите го означија и на Фејсбук со објавување на заедничка фотографија. Како е да се биде ем лекар, ем пациент во истото одделение каде се работи и болеста се гледа низ личната призма на лекар. Тоа е поводот за интервјуто.

 Заразата со коронавирусот беше професионална, односно последица на работниот ангажман. Ја покажа ли со тоа вирусот својата голема преносливост и покрај заштитната опрема која ја применувате?

Да, вирусот е лесно пренослив. Постојано работев со заштитна опрема со сомнителни пациенти. Кога се заразив, немавме хоспитализирани пациенти на инфективното одделение во Прилеп. Само со една пациентка која беше во изолација со непотврдена инфекција, поради многу висок крвен притисок бев во пролонгиран контакт, додека се стабилизира притисокот. Иако цело време носев заштитан опрема од хируршка маска, наочари, ракавици и престилка за еднократна употреба, точно по 5 дена добив симптоми и се самоизолирав.

Emilija 2

Нов вирус, недоволно испитан, непознат. Низ вас мина практично,  наспроти теоријата. Какви беа првите симптоми?

Не се знае вирусот точно кој систем ќе го нападне и со каква клиничка слика ќе се презентира, иако тоа во најголем процент се белите дробови и коагулабилноста на крвта. Симптомите ги знаевме теоретски. Кај мене се совпадна да ги имам речиси сите кои се опишани. На почетокот на првите 6 дена имав благ пораст не температурата следен со студ и трески, загуба на осетот за вкус и мирис, дијареа, многу ретко поткашлување.

Текот на болеста и лекувањето? Кои органи страдаат, кои лекови ги употребија колегите?

Од седмиот ден исто како што е опишано во литературата настапи влошување на состојбата, температурата ми порасна до 39 степени. Имав срцебиење и по секое подлабоко вдишување имав напади на сува кашлица кои беа напорни, јаки главоболки, силно препотување ноќе и за цело време имав дијареа (пролив). Направив компјутерска томографија на белите дробови која покажа дека имам пневмонија и хемостаза која исто така беше нарушена. Бев лекувана со антибиотик како сите пациенти и со лекови за разредување на крвта. Нормално, земав високи дози на витамини, Ц, Д, А, од минералите, цинк, селен, магнезиум, и здрава храна, многу овошје и зеленчук и течности, дури и сосила кога немав апетит.

Emilija Kostoska 2

Непредвидливи ситуации, колку знае вирусот да биде брз и да ја влоши здравствената состојба?

Периодот на влошена општа состојба траеше од седмиот до тринаесеттиот ден кога бев хоспитализирана и, за среќа, брзо по хоспитализацијата изреагирав на терапијата и почнав постепено да се подобрувам. Тие денови се оние кога болеста може да тргне во несакана насока, а тоа е многу тешко да се предвиди, бидејќи уште не знаеме за болеста многу.

Како се чувствувавте со заменети улоги, нудевте медицинска помош и грижа, а Ви беше потребна Вам од колегите? Колку беше олеснителна околност што соработувавте конструктивно?

Не е лесно да се биде послушен пациент, ама искуството ми е позитивно, бидејќи бев опкружена од персоналот на Инфективното одделение кое се грижи за пациентите и заборава на стравот, кој е нормално сите да го имаме. Активно бев вклучена во моето лекување, а и телефонски се консултирав со колегите од Инфективната клиника во Скопје, кои цело време ми ја следеа состојбата.

Emilija vo uniforma

Старите велат: Прашајте пателец, не гаталец. Лично искуство, како најефикасно може да се победи вирусот?

Она што важи за секоја вирусна болест: мирување, внес на здрава храна, повеќе течна храна, свеж зелечук и овошје, внес на високи дозина витамин и доследно применување на советите на докторите. Ништо да не се зема на своја рака, зошто може да има интерреакција со лековите кои веќе ги земате и да се влоши состојбата.

Совет до граѓаните, има скептици кои не веруваат. Некои негодуваат заради продолжените викенд забрани за движење?

Исправен и единствен е начинот како што се справува Министерство за здравство. Не му посакувам никому ниту еден ден да го мине во болницата со овој вирус. Тогаш ќе се сфати зошто во цел свет се крева таква паника. Многу е поудобно човек да е здрав дома, па и да биде малку здодевно. Сега кога времето е убаво секој можен момент да се искористи да се биде на чист воздух и сонце, во дворот, на балконот, па и во природа, но со почитување на препораките за дистанцирање и носење на заштитан опрема, таму каде што е потребно според препораките.

Како да стане практика носењето маски и како да ја подобриме одговорноста како граѓани, заради сериозноста на состојбата со корона во земјава и светот?

Носењето на маска е навика. И медицинскиот персонал на почеток на сезоната со грип не ја носи исправно и редовно, затоа што на сите им смета. Но, кога мора да се носи, многу брзо се навикнуваме и ја носиме со саати без да ја допреме. Тоа е суштината. Кога се носи маска, да се носи исправно, да се постави со чисти, измиени раце, да го покрива и носот и устата, да не се допира додека се користи и кога не треба повеќе да се носи да се фрли на безбедно место. Во блиска иднина, доколку сакаме да се нормализира животот, ќе мора да носиме маски, зошто е докажано дека многу ја намалува трансмисијата на болеста. Човекот обично најмногу учи од сопственото искуство. Но, кога се работи за оваа болест, на сите им препорачувам да учат од туѓото искуство за доброто и на поединците и на опшеството.

СЕКОЕ БОЛНИЧКО ОДДЕЛЕНИЕ Е ЕДНО ГОЛЕМО СЕМЕЈСТВО

“Секоја болница е посебно важна за здравствениот систем. Секоја болница, а посебно секое болничко одделение е едно големо семејство како ова на нашата фотографија. Колку приврзаност, колку среќа и колку многу љубов има овде! Заврши лекувањето на др Емилија Костоска инфектолог, и со два негативни теста дел од персоналот ја испрати дома. Нашата болница и посакува добро здравје, среќа и успешна понатамошна работа.” Ова го напишаа на Фејсбук од Општата болница “Борка Талески”. 

Loading