ИСКОРНАТИ ПЕЊУШКИ ЗА БРИЧЕЊЕ НА СУВО

Дошол во еден пазарен ден Итар Пејо во Прилеп на Пазар. Влегол во една берберница да се избричи. Бидејќи го познавале сите како мајтапчија, берберот сакал да се пошегува. Го клал на столот спроти сонце. Наместо да го сапуни како што бил редот, му ја топел брадата со плунка. Така насапунет спроти сонце го бричел, дури на Пеја не му се стемнило пред очите од болка. Го замолил да го пушти небричен и му го платил од рупчето колку биле погодени. Кога Пејо излегол од берберницата на половина бричен, низ градот се разнела смеа и шега. Берберот се држел за стомак што успеал да го излаже и да го насамари овој мариовски мудрец. Пејо ја разбрал и си рекол во себе:

,,Пакосен берберу, ќе ми те сошијам со самарна игла, ич да не се сетиш,,.

Отишол кај друг бербер да се добричи.

По една година од случката, пролетта, во лозја кроење, го зел Пејо сорот и поминал крај берберницата во која се бричел лани. Барал работа, да го орежи лозјето на берберот, и тоа за малку пари. Овој помислил дека пак ќе го излаже Пеја и го пазарил. Го одвел на лозје, го напоил со ракија, го наручал убаво, па и винце му дал и го оставил да работи, не заборавајќи да му нареди и прачките да ги изнесе на крајот, откако ќе го орежел. Кога си отишол берберот, Пејо, наместо да го реже лозјето, ги искорнал сите пењушки од корен и ги изнесол на крајот како што му рекол стопанот. Околу ужина отишол во берберницата да ги прибере парите за работата. Берберот сиот радосен дека за евтини пари Пејо му го орежал лозјето, пак го напоил и на разделување и го прашал:

– Убаво ли го орежа, Пејо лозјето?

– Многу убаво, чорбаџи, многу. Уште еднаш не ќе треба да го режеш – одговорил задоволен Пејо.

– А дали го исчисти убаво? – прашал берберинот.

– Ни прачка, ни пењушка не остана на земјата. Чисто е како тепсија  одговорил Пејо.

– Ами плаче ли, Пејо?

– Уште прашаш, пријателе мој! Не само што лозите плачат, ами кога ќе отидеш ти, ќе зареваш кога ќе го видиш колку убаво сум го орежал. Тоа ти е за ланското бричење на суво и спроти сонце – му објаснил Пејо и побегнал во Мариово да мудрува.

Loading