ИМА И МЕЧЕВИ В САЛА

Пинг-понг: На свој начин активни прилепските клубови

Индивидуалните тренинзи се во домашни услови

Ping-pong

Изминаа 40 дена од последните пингпонгарски мечеви. Оттогаш наваму – ништо. Вицешампионот Младост е со план за трета шампионска титула и во таа насока се движеше до кризата од коронавирусот. Последните ривали, Работнички и Телеком, беа совладани убедливо со по 4-1. Согласно амбициите, клубот и во кризниов период наоѓа начин за активности. Покрај индивидуална работа, имало и мечеви во пингпонгарската сала.

-Подигруваме, барем еднаш неделно, јас и Јочкоски, повремено и Штаргоски. Како што се препораките од државните институции – меѓусебно растојание имаме. Така по два часа тренираме. Мораме некако да одржуваме некое ниво. Тоа е важно во ваков период – што помалку храна, колку е можно повеќе тренинг. Се слушам и со нашиот Србин од Ниш, Оцокољиќ. И тој, во тешки околности, тренирал одвреме-навреме. Сепак, се надеваме на најдоброто откако ќе заврши кризата – вели Зоран Јованоски, играчот и тренерот.

Покрај Младост, шампионската титула ја сака и градскиот ривал Младост 96. И таму не седат со скрстени раце и прават што е можно во ваква ситуација. Екипата силата ја покажана 8 март, кога со максимални 4-0 беа ,,прегазени,, Радовиш и Телеком. Тренерот Тошески покрај А. Рикалоски, Костовски и Лашкоски, ги има засилувањата Станојковски и Рустемовски, а неизвесен е Србинот Костадиновиќ.

-Целосно ги почитуваме препораките. Така и ги прилагодуваме активностите. Прекинот ни се случи во најнезгоден момент кога сениорската екипа беше најподготвена, во силен налет кон титулата. И Школата работеше со ,,полна пареа,,,. Од младите очекувавме високи резултати. Мораме да правиме рестарт. Додека е кризата, во неможност за тренинг в сала, играчите во импровизирани домашни услови ја одржуваат кондицијата, а некои и формата. Атмосферата е одлична, бидејќи сите се во секојдневна комуникација. Желба ни е што побрзо да заврши ова пандемија за да се вратиме таму каде ни е местото, во салите – вели Златко Рикалоски од Управата на Младост 96.

Во Супер лигата први одложени мечеви се: на Младост со Радовиш, на Младост 96 со Вардар и Шампиони ФА.

Одложена Балканијада

Зоран Јованоски има пролонгирани и селекторски обврски. Ги прекина тренинзите со четворица пионерски и младински репрезентативци.

-Работев со три момчиња од Крушево и едно од Битола. Последен пат на 13 март имавме тренинг. Да не беше кризата, ќе одевмена Балканијадата во Бугарија, на неколку кампови и турнири. Ни останува само трпение – вели Јованоски.

Loading