КАЗАН РОДИ КОТЛИЊА

Позајмил Пејо од еден комшија, чорбаџија, казан да свари сапун. Го задржал подолго време кај себе. Стопанот не го побарал и Пејо решил некако да не му го врати, ако може. По два-три месеци отишол Пејо кај чорбаџијата и му однесол едно малечко котленце, зборувајќи:

– Повели, чорбаџи, котленцево ти го роди казанот што ми го даде да се услужам.

Чорбаџијата ја погледнал чорбаџиката, се насмевнал скришум и го зел котлето. Кога Пејо заминал, чорбаџијата и вели на жена си:

– Го виде Пејо будалата? Казанот родил котле!!!

– Кога е будала… – промрморила жената и го клала котленцето кај другиот бакар.

Минале други три месеци, Пејо му донесол друго котле што му го родил казанот. Чорбаџијата си го прибрал и не помисли да си го прибере казанот, чекајќи секои три месеци да му раѓа котлиња.

Арно ама, наместо да донесе Пејо трето котле, дотрчал еден ден сиот задишен и ,,уплакан,, и му соопштил на чорбаџијата дека казанот ,, Бог да го прости,, умрел сношти.

– Како, бре едепсаз, можел да умри казан? – се развикал чорбаџијата и нарипал да го тепа, но Пејо му се откинал и мирно му одговори:

– Ами како можеше казанот да раѓа котлиња? Тој што раѓа и што се раѓа и умира. И ете, и казанот дури му беше за раѓање – раѓаше. Му дојде денот за умирање, и умре. Има ли нешто попросто од тоа? Што сум тука јас крив?

Чорбаџијата не можеше да го порекне овој факт и му го оставил казанот на Пеја за две мали котлиња.

Loading