ПРАЗНИ ТЕРЕНИ, СЕКОЈ ФУДБАЛЕР СИ ТРЕНИРА ДОМА

Фудбал: Се е откажано поради малиот, невидлив корона-вирус

Победа со предлог за неотпаѓање од лигите

Stadionceto na Mogila

Човекот се соочува со најголемата вистина – дека не е семоќен и оти има над него таква моќ што досега не ја ни претпоставил. Малиот и невидлив коронавирус го смени од корен вкупниот општествен живот, така има малку спортски активности. Нема низ светот, ни на телевизија, нема ни кај нас. И фудбалот, за кого мислевме дека е најважната споредна работа, не постои.

Во минатиот број од весников верувавме дека ќе има натпревари, без публика, но во последен момент и тоа е откажано. Нема никакви натпревари во сите рангови. Екипата на Победа последниот првенствен меч го одигра на 7 март, на Могила, кога се случи поразот со 0-2 од штипска Брегалница. Сé до четвртокот постоеше надеж дека второлигашкото првенство ќе продолжи наредната сабота, со гостувањето кај Тиквеш, кој како домаќин мора да игра во Велес. Но, стигна одложувањето на сите натпревари. Во овој момент никој не може да претпостави кога ќе има продолжување. Во Победа одржале тренинг во петокот и потоа морале да ја распуштат екипата на неодредено време. Веќе нема колективни тренинзи. На фудбалерите им се даваат секојдневни задачи за самостојна работа дома. Се очекува одговорност од секого и извршување нае обврските во периодот кога не можно поинаку.

Бидејќи е извесно дека паузата ќе биде долга и формата не ќе може да се одржи, од Победа испратиле предлог до останатите клубови и до ФФМ, за прилагодување на новата ситуација. Имено, се предлага во оваа сезона да нема отпаѓање од ниеден ранг, туку проширување на лигите. Аргументите се приложени, па нема причина да не се прифатат. Ако тоа е така, тогаш Победа и наесен би се натпреварувала во Втората лига – Исток, без оглед на пласманот од табелата.  Ова првенство би се доиграло без голем притисок врз екипите кои се бореа за опстанок, а за враќање врз поранешните принципи за натпреварување, ќе послужи наредното првенство, во сезоната 2020/21.

Слично е и во другите спортови и клубови.

Пауза и за Деспина

Женската фудбалска екипа Деспина има уште подолга пауза. Последниот меч го одигра на 28 февруари во Тетово, каде со 0-7 ги освои бодовите против Љуботен. Потоа имаше празен период поради репрезентативните настапи. Требаше првенството да продолжи на 14 март, дома со битолски Топ-Гол, но поради познатите причини не се одигра и не се знае кога ќе биде тој меч.

Мирува Третата лига – Центар, општинските лиги и лигите од младинските категории.

Loading