СЕКАДЕ БЕЗ ПУБЛИКА

Фудбал: Поради корона-вирусот

Само по некој гледач „илегално“ го следи саканиот тим

Fudbal

Мерките на државно ниво, кои се превенција од корона-вирусот, важат и за спортот. Без публика се играат натпреварите на отворен простор – фудбалот, во салите – пинг-понгот, ракометот, во сите рангови и возрасти. Или, така би требало да биде. Но, бројот на гледачите не е сведен на ,,апсолутна нула,, Има уште спортски љубители кои не можат да замислат да не го гледаат својот омилен тим, па ,,илегално,, се присутни околу игралиштето. Така беше минатиот викенд, прв пролетен, а со оглед на влошената ситуација со вирусот, може да се очекува и малкумината гледачи да останат дома, за играчите да бидат потполно сами во игралиштето.

Toni NaumovskiФудбал: Победа надолу – Напредок нагоре

Второлигашот Победа, очигледно, не е ,,миленик,, на ФФМ. По неповолното реми (2-2) во Крушево, стигна пак неволја, дома со штипска Брегалница: недосуден пенал во гостинскиот, досуден во домашниот шеснаесетник, недосудена игра со рака и во контра примен втор гол за 0-2 во полза на фаворитот. Ситуацијата е влошена: шестопласираната Саса наместо 9, сега бега 11 бода. В сабота е гостувањето на Тиквеш во Велес.

Победа оди надолу, но за среќа има тим што оди нагоре – Напредок од Крушеани. Во неделата, дома го совлада лидерот Превалец од Велес со 2-0, со головите на Јосифоски и Никовиќ. На табелата Росоман бега 2, Превалец само 1 бод. В недела е гостување во Обршани.

-Играчите дадоа максимум и заслужено победивме. Го трасиравме патот до првото место, кое води кон Втората лига. Сигурен сум во успех, бидејќи клубот е одлично воден од Управата, на чело со Славе Ѓоргоски и Роберто Младеновиќ – вели Тони Наумовски, тренерот.

Женскиот тим Деспина дома е фаворит со Топ-Гол од Битола.

Ракомет: Гостуваат лидерот и шампионот

 Штета што има забрана за публика, бидејќи се играат два интересни меча во салата ,,Ричко,,. Во Првата машка лига, Прилеп, по поразот (28-24) во Куманово, го пречекува Астраион од Струмица, лидерот на табелата. Дуелот нема влијание врз пласманот, двата ривала одамна се влезени во плеј-офот, па неоптоварени можат да прикажат убава игра.

Женскиот тим Деспина, по очекуваните порази (42-14 во Куманово и 15-34 дома со Вардар, каде Седлоска, 17-годишната ќерка на фудбалерот Гоце, ни даде 10 гола), во средата беше по три бода во Свети Николе, а в сабота е домаќин на Металург. Гостинот, актуелен шампион, е фаворит.

Пинг-понг:  Четири победи

Лидерот на табелата, Младост, со по 4-1  ги совлада Работнички и Телеком, на ист начин, со две добиени партии на Јочкоски, една на Оцокољиќ и двајцата во двојки. Следи дуел со Радовиш. Екипата Младост 96 ја покажа силата и кандидатурата за титулата со победите од по 4-0 над Радовиш и Телеком, со добиени партии на Станојковски, Костовски, Лашкоски и во двојки на Станојковски со Костовски. Следат мечеви со Вардар и Шампиони ФА.

Борење: Одложено патувањето во Загреб

Борачкиот клуб ,,7 Мај –  Леов” нема да патува кон Загреб, поради откажувањето на Меѓународниот кадетски турнир ,,Кроација опен”. Без настап ќе бидат Барбара Стојкоска, Стефан Стојаноски и Оливера Мицеска. За нив отпаѓа и можноста за учество на наредниот Меѓународен турнир во Стара Загора, откажан поради истата причина, корона-вирусот. До подобрувањето на ситуацијата нема да се одржуваат ниту тренинзи.

Loading